Националниот парк Шар Планина преку соопштение ја информира јавноста дека на територијата на паркот во моменто е присутна висока лавинска опасност, особено во деловите од планината што се наоѓаат на надморска височина над 1.700 метри.
Тие објаснуваат дека зголемената лавинска опасност е резултат на специфична комбинација на временски услови, вклучувајќи ги температурата на воздухот, правецот и јачината на ветерот, како и снежните врнежи во изминатите неколку денови. Овие фактори, во комбинација со релјефните карактеристики на теренот, создаваат услови за нестабилност на снежната покривка и појава на лавини.
– По добиена дојава од операторот за слободно скијање со ратраци „Ескимо спорт“ за забележана лавина на подрачјето на паркот, екипа на Националниот парк Шар Планина излезе на терен и изврши увид на локацијата на која е потечена лавина. Претходно, екипа на операторот „Ескимо спорт“ извршила пребарување на лавинскиот терен со употреба на лавински уреди, при што е констатирано дека во лавината нема затрупани лица кои со себе поседуваат лавински уреди, а до овој момент нема пријави за исчезнати лица. За среќа, настанот поминал без човечки жртви – соопштуваат од Националниот парк.
Паралелно со теренскиот увид била спроведена и експертска анализа на стабилноста на снежната покривка од страна на стручен тим од образовна институција специјализирана за безбедност во планинскиот туризам.
– Во согласност со извршената процена, утврден е висок степен на лавинска опасност – степен 4, според европската скала за оценување на лавинскиот ризик (5 – многу висок, 4 – висок, 3 – значителен, 2 – умерен, 1 – низок).Националниот парк Шар Планина ги предупредува сите посетители да постапуваат со зголемена претпазливост, да избегнуваат движење во потенцијални лавински зони, како и да не се движат во повисоките делови на планината без придружба на квалификувани и стручно обучени лица. Истовремено, се апелира посетителите навремено и точно да ја пријавуваат својата посета преку официјалната веб-страница на паркот – се вели во соопштението.
Стручните служби на Националниот парк Шар Планина, во соработка со туристичките оператори и експертите за лавини, континуирано ќе ја следат состојбата на терен и навремено ќе ја информираат јавноста за сите промени поврзани со лавинската опасност.
– Потсетуваме дека зимските убавини на Шар Планина претставуваат исклучителна природна атракција, но истовремено бараат високо ниво на одговорност, информираност и строго почитување на безбедносните принципи и правилата за движење во заштитено подрачје. Дополнително, важно е да се нагласи дека лавинската опасност е тешко предвидлива појава, која бара значителна експертиза и внимателна процена и на теренските и на временските услови – потенцираат од НП Шар Планина.
Од таму со апел до сите посетители личната безбедност да ја стават на прво место и да придонесат кон безбедно, одговорно и одржливо користење на планината.