ОМД го осудува насилството и говорот на омраза, без разлика на чинителите и нивните мотиви

Од:

Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД) најостро реагира на полициската бруталност врз демонстрантите, како и нападот врз службите за јавен ред и мир на протестот пред Собранието на Република Македонија, со биланс од 24 повредени граѓани, 7 повредени полицајци и 25 приведени лица, меѓу кои има настрадани уметници, интелектуалци, средовечни и малолетни лица.

„Протестот е демократско право на поединецот како начин да се изрази незадоволство и несогласување кон актуелни политики или одлуки, но протестот во никој случај не смее да прерасне во насилие и говор на омраза, било од страна на демонстрантите или силите од редовите на службите за јавен ред и мир. Според тоа, ОМД повикува на лична одговорност од сите оние кои со злоупотреба на своето демократско право со насилство, со злоупотреба на својата службена должност со примена на агресивни и несразмерни безбедносни мерки, како и со недоволно основана наредба за употреба на шок бомби, солзавец и гумени куршуми врз граѓаните, доведоа до ескалација на протестот на 17-ти Јуни, непосредно по потпишувањето на договорот помеѓу Македонија и Грција за промена на македонското име.

Воедно, со цел подгревање на страстите против склучениот договор или градење на симпатии во интерес на истиот, во отсуство на независно новинарство и професионално известување за што најодговорни се владите на двете држави, ОМД смета дека народот е предмет на медиумска манипулација, поради што ги повикува креаторите на договорот на јавна дебата. Иако истото требаше да се случи многу порано, ОМД смета дека преку јавна дебата и вклученост на независни академици, толкувачи на уставното право и законските одредби, членови на МАНУ и Уставниот Суд, како и со вклученост на народот преку отворена линија за граѓански прашања, би се ставило крај на манипулативните интерпретации без разлика на мотивите. ОМД смета дека единствено преку јавна дебата и сеопфатна инклузивност на општествено витални и влијателни фактори, би се создал национален консензус по прашањето за иднината на земјата. Отсуството на национален консензус е изворот на незадоволството кај народот во чие име, без негова декларирана согласност се одлучува за уставноста и континуитетот на Македонија.

Во време кога македонското ткиво претрпува голема поларизација, ОМД повикува на лидерство во правец на обединување, воздржување од секаков вид на насилие, толеранција без употреба на говор на омраза и афектно делување. Со цел правилно изразување на незадоволство и несогласување со актуелните политики и одлуки, ОМД го повикува народот на мудрост и одговорност преку придржување кон одредбите за мирен протест, како загарантирано граѓанско и демократско право на поединецот.

Ова се историски моменти за државата. Одговорноста е на сите нас и секој мора одговорно да се однесува во овие чуствителни моменти за Македонија.

Насилството не е решение, туку проблем!“, се вели во соопштението на Обединетата Македонска Дијаспора.

Би можело да ве интересира

Дијаспората ќе гласа само за претседател, нема доволно пријави за изборите на пратеници

Катерина Ѓуровски

Дијаспората незаинтересирана за гласање во Македонија: Досега пристигнати 209 пријави

Османи: Има паника кај граѓани во дијаспората дека после 12 февруари ќе ги загубат работните места и дозволите за престој

Орце Костов

ОМД бара Ескобар да се заложи за правата на Македонците во Бугарија

Успешните од дијаспората да напишат мотивациско писмо зошто сакаат брза лента на аеродромите – Османи повторно дели МКарта

Орце Костов

Македонската дијаспора од ЕУ во 2021 година во Македонија испратила 325 милиони евра

Горан Наумовски