Влијанието на пандемијата од Ковид-19 врз наставата многу е веројатно да има долгорочни последици врз сите деца, вклучително и врз децата со попреченост, бидејќи тие само делумно можеле да следат онлајн настава, или имале значајни проблеми во следењето на наставата. Поради тоа, надлежните органи треба да обезбедат услови за дигитализација на наставата на начин што ќе се овозможи истата да биде достапна на секој ученик, вклучително и на децата од руралните средини, социјално загрозените семејства и учениците со попреченост.
Ова е наведено во посебниот извештај на Народниот правобранител изработен по спроведеното истражување за начините на реализација на онлајн наставата во услови на пандемија од Ковид-19, во дел од училиштата во Републиката, со фокус на учениците со попреченост.
„И основните и средните училишта во најголем процент (56 отсто од одговорите на основните и 63 отсто од одговорите на средните училишта) сметаат дека овие ученици само делумно можеле да следат онлајн настава. Од друга страна, 31 отсто од основните и 25 отсто од средните училишта одговориле дека овие ученици имале значајни проблеми во следењето на наставата. Најголем број од основните и средните училишта даваат проценка дека онлајн наставата е само делумно соодветна за овие ученици“, стои во извештајот.
Повеќето од учениците со попреченост, како што е посочено, имале соодветни ресурси и неопходна поддршка од членовите на семејството, но не е за занемарување ниту процентот на одговори од училиштата кои сметаат дека повеќето од овие ученици немале соодветни ресурси, ниту поддршка од домот.
Во однос на водењето е-портфолија за учениците со попреченост, истржувањето покажало дека најголем број од училиштата, односно 80 отсто од основните и 76 отсто од средните, најчесто повратните одговори од учениците ги добивале на неделна основа или периодично.
„Најголем дел од испитаните основни училишта одговориле дека повратен одговор од учениците со попреченост или нивните родители/старатели во однос на сработените наставни единици/содржини најчесто добивале на неделна основа. Од друга страна пак, испитаните средни училишта дале одговор дека повратни одговори добивале најчесто периодично (еднаш до два пати месечно)“, се наведува во извештајот.
Препораки од Народниот правобранител
Во насока на обезбедување услови за непречено и безбедно образование по здравјето на секое дете во основните и средните училишта, со фокус и на инклузираните ученици со попреченост, Народниот правобранител препорачува итно да се преземат мерки за анализа на постојната состојба со основните и средните учиилишта на цела територија на државава, заради согледување на постојните услови од материјален, технички, инфраструктурен, кадровски и друг аспект што е од особено значење при изборот на модалитетот на реализирање на настава во новата учебна година, а во согласност со препораките на надлежните здравствени органи, со цел секое дете да биде безбедно.
„Министерството за образование и наука во соработка со сите органи и институции, и со активно учество на родителите и претставниците на учениците при одлучувањето за начинот на кој ќе се реализира образованиот процес пред се да се раководи од најдобриот интерес на детето, неговото право на непречено и квалитетно образование, да ги идентификува потребите и на најмаргинализираните популации, вклучително учениците со попреченост, без разлика дали се вклучени во редовните или посебните училишта, и да се погрижат за непречен пристап, учество и успех во системот на образование на секое дете, на подеднаква основа“, се наведува во извештајот на Народниот правобранител.
Оттаму со препорака и до Бирото за развој на образованието да преземе мерки за ревидирање на наставните планови и програми и доколку е потребно изработување на скратени наставни програми, кои ќе им овозможат на наставниците 28 поголема флексибилност во спроведувањето, во согласност со избраниот модалитет за реализација на наставата (онлајн/со физичко присуство/или комбинирано).
Во тој контекст, да се преземат мерки за прилагодување на постоечките наставните програми и планови како истите би гарантирале ефикасен наставен процес за сите ученици од основните и средните училишта, со фокус и кон учениците со попреченост.
Народниот правобранител им препорачува на надлежните органи да обезбедат услови за дигитализација на наставата на начин што ќе се овозможи истата да биде достапна на секој ученик, вклучително и на децата од руралните средини, социјално загрозените семејства и учениците со попреченост.
-Да се обезбеди еднаков пристап до квалитетно и непречено образование за маргинализираните и најранливите категории деца, односно образовен систем во кој никој нема да биде заборавен, стои во препораките од Народниот правобранител.
Меѓу препораките се и преземање мерки за обезбедување на потребната ИКТ опрема и стабилен интернет во училиштата, особено доколку наставниците ја реализираат онлајн наставата од училиница. Од друга страна да се обезбеди технологија и бесплатен интернет и за оние ученици/семејства кои тоа не можат самите да си го дозволат.
Во истражувањето било применето анкетирање како техника на истражување, со инструмент на истражување, анкетни прашалници изготвени за потребите на истражувањето. Анкетата е спроведена од јуни до август 2020 година, преку Прашалник кој бил доставен до вкупно 72 училишта, (41 основно и 31 средно училиште) на територија на Република Северна Македонија.