ОКТА ќе стипендира 10 студенти на УКИМ

Од:

Десет студенти од УКИМ ќе добијат целосна стипендија за постдипломски студии од ОКТА, предвидува меморандумот за соработка потпишан денеска меѓу компанијата и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во кој се дефинирани поединостите за доделувањето на стипендиите.

Право на добивање стипендија ќе имаат кандидатите кои ќе се пријават за втор циклус едногодишни студии, за учебната 2017/ 2018 година, во првиот уписен рок, на веќе отворениот конкурс на УКИМ што ќе трае до 9 октомври 2017 година.

– Образованието е суштината за напредокот на една заедница, а ефектите и резултатите од градењето висококвалификувани кадри се видливи на подолг временски период. Целта и заедничката визија за оваа соработка е да се изградат кадри кои ќе бидат спремни да носат важни стратешки одлуки и ќе ја претставуваат движечката сила за развојот на земјава, изјави Јанис Героуланос, главен извршен директор на ОКТА по потпишувањето на меморандумот.

Тој нагласи дека ОКТА постојано вложува во образование, истражување и иновации и додаде дека со доделувањето на овие 10 стипендии очекуваат дека ќе иницираат нови научно истражувачки проекти кои ќе имаат позитивни ефекти во различни сфери важни за целата заедница.

– Со потпишувањето на меморандумот се зајакнува врската помеѓу Универзитетот, бизнис секторот и општеството. Уште повеќе радува фактот што иницијативата за доделување на овие стипендии потекна од самата компанија. На овој начин, компанијата симболично ги отслика своите потреби и кадровски приоритети, изјави ректорот на УКИМ проф. д-р Никола Јанкуловски.

Стипендиите ќе бидат доделени за студенти на пет факултети од УКИМ. Две стипендии ќе бидат доделени на Економски факултет за студиската програма МБА менаџмент, за студентите од Машински се предвидени три стипендии за Индустриско инженерство и менаџмент, Материјали, заварување и конструктивно инженерство и Одржлива енергија и животна средина (студии на англиски јазик). За студентите на ФЕИТ ќе се доделат две стипендии и тоа за Обновливи извори на енергија и Електроенергетски системи, додека за Технолошко металуршки факултет две стипендии ќе бидат доделени за програмите Менаџмент на квалитет и Дизајн и менаџмент на технолошки процеси. Една стипендија е предвидена за студентите кои ќе се пријават на Природно математички факултет, Институт за хемија, за студиската програма Применета хемија.

Би можело да ве интересира

УКИМ донесе Одлука за основање Фондација „Горан Стефановски“

Вработените на петте јавни универзитети на мирен протест побараа потпишување на колективен договор и изедначување со УКИМ

Горан Наумовски

Ристов: Непочитувањето на колективен договор на УКИМ е кршење на принципот на владеење на правото

Ќе се зголемува школарината за студентите: Предлогот за поскапување испратен до студентските собранија

Орце Костов

Пуцко Петрол на Исмаил Јахоски од ДУИ повторно купи акции во ОКТА, сега има удел од 11 отсто

Орце Костов

Професори од УКИМ бараат пријавата против ректорката Ангелова да биде приоритет за Антикорупциска

Катерина Ѓуровски