ОКТА и оваа година ќе додели целосни стипендии за постдипломски студии за десет студенти на УКИМ. Според Меморандумот за соработка, потпишан меѓу компанијата и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, дефинирани се условите за добивање на стипендијата, а ОКТА ќе ги поддржи најуспешните и најамбициозните студенти кои сакаат да го продлабочат своето знаење на повисоко ниво во селектирани области.
Континуираното доделување стипендии од ОКТА е дел од една поширока и сеопфатна општествено одговорна практика на компанијата чија цел е градење висококвалификувани кадри и унапредување и поттикнување на едукативните процеси.
„При минатогодишното доделување стипендии, ви ветивме дека и понатаму ќе бидеме со Вас да ве поддржиме. Еве повторно сме тука, по вторпат, да доделиме 10 стипендии за студентите на УКИМ, за нашите деца да останат во државата и да се образуваат. Да учат и да бидат корисни, за себе и за заедницата во која живеат. Фокусот на стипендиите годинава е на насоките кои нам, како компанија ни се најпотребни. Имавме одлична соработка со Земјоделскиот факултет на проектот за био-ремедијација на нафтениот талог во округот на ОКТА. Минатата недела, почнавме проект и со ФЕИТ за инсталација на фотоволтаици. На овој начин, сакаме да им обезбедиме можности за нови знаења на студентите, помагајќи си и себеси да станеме подобри и поодговорни кон околината, изјави Јанис Героуланос, Главен извршен директор на ОКТА.
Стипендиите се наменети за студенти на шест факултети од УКИМ. По една стипендија ќе им биде доделена на кандидатите од Економскиот факултет и Факултетот за земјоделски науки и храна, додека по две стипендии ќе добијат студентите од ПМФ – Институт за хемија, од Машинскиот факултет, од ФЕИТ и од Технолошко-металуршкиот факултет.
Според условите и критериумите дефинирани во овој меморандум, право на добивање стипендија имаат кандидатите кои ќе се пријават за втор циклус едногодишни студии, за учебната 2018/ 2019 година, во првиот уписен рок, на веќе отворениот конкурс на УКИМ.
„Соработка со светот на бизнисот, потребите на релацијата универзитет – општество, а посебно поврзаноста со стопанските фактори е една од стратегиските цели на нашиот универзитет, но истовремено и предизвик со кој се сретнуваме. И годинава иницијативата за доделување на овие стипендии токму на овие факултети потекна од компанијата ОКТА. Во таа насока, денешново потпишување на Меморандумот претставува настан од особено значење, затоа што на овој начин се гради и се зајакнува врската меѓу универзитетот, бизнис секторот и општеството. На овој начин, универзитетот ќе може успешно да ја извршува својата функција во насока на развој и унапредување на општеството. Само вака, Универзитетот, како најзначаен дел на целокупниот образовен систем во Републиката, како витален центар за создавање висококвалитетни стручни кадри, ќе продолжи да ги исполнува високите стандарди за нивно вклучување во пазарот на трудот и ќе ги следи потребите на стопанството“, изјави проф. д-р Никола Јанкуловски, Ректор на УКИМ.