ОЈО: Со објавениот записник прекршен е член 289 од Закон за кривична постапка

Од:

Кривичното дело – Оддавање службена тајна од член 360 став 1 од Кривичниот законик го сторува тој што на јавноста или на неповикано лице ќе соопшти, предаде или на друг начин ќе му ги стори достапни податоците кои претставуваат службена тајна или прибавува такви податоци со намера да ги соопшти или предаде на јавноста или на неповикано лице.

Тоа го соопшти денеска Основното јавно обвинителство во кое изнесува појаснувања во поглед на поднесениот Обвинителен предлог против едно лице за кривично дело – Оддавање службена тајна од член 360 став 1 од Кривичниот законик со кој обвинетиот се товари дека на 23 август, преку интернет порталот www.infomax.mk на јавноста им ги сторил достапни податоците што претставуваат службена тајна.

Обвинителството укажува дека според став 4 од истиот член на Кривичниот законик како службена тајна се сметаат податоците или документите што со закон, со друг пропис или со одлука на надлежниот орган донесени врз основа на закон се прогласени за службена тајна и чие откривање има или може да има штетни последици за службата.

Според член 289 од Законот за кривична постапка, посочува Обвинителството, сите дејствија преземени во предистражната постапка од страна на јавниот обвинител се сметаат за тајна. – Во конкретниот случај обвинението беше поднесено бидејќи со објавувањето на првата страница од Записникот за прием на кривична пријава изготвен од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на интернет порталот www.infomax.mk на јавноста и беа сторени достапни податоците што претставуваат службена тајна. Со Записникот за прием на кривична пријава се поведува предистражната постапка и тој записник претставува составен дел од предметот и од обвинителските списи кои што се службени по својата природа. Затоа со објавувањето на записникот е постапено спротивно на член 289 од Законот за кривична постапка, стои во соопштението.

Јавното обвинителство истакнува дека како единствен и самостоен државен орган којшто ги гони сторителите на кривичните дела, согласно со својата уставна и законска положба, е обврзано да ги гони сите сторители на кривични дела за кои се обезбедени докази на законит начин, како што тоа е направено во конкретниот случај.

– Јавното обвинителство, тргнувајќи од уставната и законската поставеност, во целост го почитува начелото на транспарентност за сите предмети кои се од интерес на јавноста и редовно известува за тековното постапување во тие предмети. Но, притоа Обвинителството во целост ги почитува уставно и законски загарантираните права и на осомничените, и на оштетените, како и на сите други учесници во кривичната постапка. Со информирањето за обвинителското постапување не е дозволено да се прекршуваат законските прописи и да се нарушуваат правата на странките во постапката, се вели во соопштението.

Како реакција на поднесениот обвинителен акт од ОЈО против Александар Митовски од Инфомакс, денеска во организација на Македонската асоцијација на новинари се одржа мирен протест под мотото „На новинарскиот збор да се одговори со збор, а не со прогон“.

Би можело да ве интересира

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

Укинат притворот за возачот на Палчо

Александар Тодески

Главна цел на измените на Законот за медиуми треба да биде законската регулација на интернет порталите

Ковачевски: Им се извинувам на медиумите, не сакам да се им се случи она што се случуваше до 2016

Орце Костов

Љупчо Коцевски избран за нов државен обвинител

Мајка од Струмица e осомничена за запуштање и малтретирање на дете

Горан Наумовски