Затворени кафичи и кафеани, исклучени светла, празни улици и по некој човек на кејот, ваква е сликата од Охрид вечерва. Иако градот има туристи од други држави и посетители од соседните градови кои викендот го користат го посетат Охрид, сепак, улиците и центарот се празни како што наложуваат мерките на Владата.
Во обиколката на централниот дел на Охрид, по 18 часот не забележавме ниту еден угостителски објект да работи, согласно препораките за спречување на ширење на коронавирусот.
Затворени беа и некои од бутиците, како и спортските обложувалници.
Хотелиерите се жалат дека се откажуваат илјадници ноќевања кои биле закажани во март и април поради ширењето на коронавирусот. Претежно, станува збор за гости од Кина, Јужна Кореја, Јапонија, но и Турција.
Аеродромот во Охрид „Св.Апостол Павле“ ќе биде затворен 48 часа по донесувањето на одлуката, сметано од вечерва.
Од утре, целосно запираат со работа кафетериите, баровите, клубовите, казината и спортските обложувалници. Сите угостителски објекти кои вршат подготовка и продажба на храна можат да работат, но без посета на потрошувачи односно гости, и можат да продаваат роба преку онлајн нарачки, односно да вршат достава, или пак истата да се подигнува надвор од угостителскиот објект.