Охрид ќе влезе во Гинисовата книга на рекорди по најмногу сварена рибја чорба во светот. За време на празникот Водици, односно Денот на рибарите, ќе се вари 3 тони рибја чорба, во истиот оној казан, во кој неодамна се вареше гинисовото гравче во штипското село Сарчиево.
Апликацијата од Гинис, организаторите – Здружението „Богојавление“, ја подигнале и очекуваат повратен одговор од таму, која ќе биде комисијата која ќе дојде во Охрид да го надледува на лице место приготвувањето на чорбата.
„Господониот Давчев беше во Охрид, и ни го понуди исиот оној казан во кој се вареше гравчето во Сарчиево. Многу пријатно не изненади со тој негов гест и ни го понуди казанот бесплатно“.
– Ние сакавме уште пред две години во Гинис да влезе и манифестацијата Богојавление Водици, кое инаку е најмасовно зимско капење во светот. Но, од Гинис ни рекоа дека не поддржуваат верска манифестација“, изјави за А1, Љупчо Арнаудов претседател на „Богојавление“.
„Се надеваме дека ќе ни се исполни желбата и Охрид да биде дел од Гинисовата книга на рекорди со најмногу сварена рибја чорба“, додаде Арнаудов.
Во Охрид и минатата година во голем казан се вареше рибја чорба, но тогаш не беше поднесена апликација во Гинис.
Рекордот во направена рибја чорба ја држат Американци, со приготвени 2 тона и 200 килограми, но охриѓани сакаат да се први во светот.
Рибјата чорба овој пат ќе се приготвува и со оригинална охридска пастрмка од езерото, со оглед на дозволениот лов за риба во Охридското езеро од неодамна.
Дел од рибата која ќе биде употребена за приготвување на чорбата ќе биде речна пастмрка, велат организаторите.
Мики Трајковски