Министерството за одбрана денеска објави оглас за вработување 125 професионални војници во Армијата на Република Македонија.
Како што информираат од Министерството, процесот на селекција ќе се одвива со максимална транспарентност и вклучува писмено тестирање (општообразовен тест и психолошки тест), проверка на физичката способност, интервју и здравствени прегледи од страна на посебни комисии формирани од Министерството за одбрана.
– Целта на сите тестови е да се продолжи со традиционалното ангажирање на најдобрите кандидати за професионални војници со развиени психофизички способности и високи морални и етички стандарди. Ги повикуваме сите млади луѓе кои се убедени дека можат да ги исполнат обврските и кои сакаат да придонесат кон безбедноста на својата татковина во заштита на нејзиниот територијален суверенитет, да се пријават на јавниот оглас за професионални војници кој е објавен во дневните весници во Република Македонија и на веб–страницата на Министерството за одбрана, www.morm.gov.mk, посочуваат од Министерството за одбрана.
Прецизираат дека минатата година се заокружи процесот на прием на 250 професионални војници во служба на Армијата на Република Македонија.