Официјално отворена Амбасадата на Јапонија во Скопје

Од:

Со изведување на церемонијата „кагами бираки“ – кршење на буре со саќе како симбол на отворање кон хармонија и среќа денеска во Скопје беше официјално отворена Амбасадата на Јапонија.

На свеченоста државниот министер за надворешни работи на Јапонија Казујуки Накане и јапонскиот амбасадор Кеико Анеда наздравија за успешно продолжување на билатералните односи меѓу двете земји.

Јапонската амбасадорка Анеда на отворањето рече дека отсекогаш имале одлични односи со Македонија и се заблагодари на напорите на сите кои ги унапредувале добрите односи во минатото.

– Мојот тим се состои од четири лица од Јапонија, како и осум локално вработени лица од Македонија. Сите ние сме многу посветени и млади, или барем млади во срцата, и би сакале да работиме напорно со сите страни за да ги зацврстиме и продлабочиме односите во сите сфери. Поради тоа благодарни сме на вашата континуирана поддршка и соработка, изјави Анеда.

Државниот министер за надворешни работи на Јапонија Накане рече дека преку отворањето на оваа амбасада би сакале и понатаму да ги развиваат пријателските билатерални односи меѓу двете земји.

– Амбасадорката Анеда која беше назначена за прв резидентен јапонски амбасадор воедно е и првата жена јапонски амбасадор на Балканскиот Полуостров. Првиот резидентен македонски амбасадор во Јапонија е жена. Многу е охрабрувачки фактот што јапонско-македонските односи се водени и поддржани од две жени, изјави Накане.

Посочи дека како државен министер за надворешни работи на Јапонија одговорен за јапонско-македонските односи се заложува да вложи максимални напори во унапредувањето на односите меѓу двете земји.

Заменик-министерката во македонското МНР Арта Точи рече дека отворањето на Јапонската амбасада е само последното камче од мозаикот започнат пред 23 години.

– Народот на Македонија никогаш нема да ја заборави помошта од јапонскиот народ за земјотресот во 1963, осамостојувањето во 1991 или помошта за справувањето со бегалската криза. Многу сме среќни што пријателска Јапонија го исполни брзо ветувањето за повратно отворање на амбасада во Македонија, изјави Точи.

На свеченоста присуствуваа голем број гости, меѓу кои претседателот на Собранието Талат Џафери, вицепремиерот Бујар Османи, министрите за одбрана и за култура Радмила Шекеринска и Роберт Алаѓозовски, како и голем број странски амбасадори во Република Македонија, меѓу кои британскиот Чарлс Гарет, францускиот Кристијан Тимоние, холандскиот Ваутер Пломп.

Република Македонија и Јапонија воспоставија дипломатски односи во март 1994 година. Амбасадата на Република Македонија во Токио е официјално отворена во мај 2013 година, а првиот резидентен амбасадор во Јапонија Андријана Цветковиќ ги предаде акредитивните писма на јапонскиот император Аки Хито во декември 2014 година.

Би можело да ве интересира

30 евра чини патниот лист за граѓаните со неважечки пасош кои треба да се вратат во Македонија

Орце Костов

МНР го раскина договорот со фирмата од Зајас за која имаше сомнеж дека е донатор на ДУИ

Орце Костов

(ВИДЕО) Американската амбасада во Багдад е погодена од проектили

Горан Наумовски

Тепачка во амбасадата на БиХ во Аман: Се истепале дипломатите Битанга и Шкипина

Горан Наумовски

Нападната е пакистанската амбасада во Кабул, има повредени

Почина македонскиот амбасадор во Германија

Ана Ололовска