Односите меѓу С. Македонија и Грција во нагорна линија во 2021 година

Од:

Низа средби и посети на највисоко ниво, некои од нив и со историски карактер, потпишани договори за соработка, заложби за продлабочување на соработката, ја одбележаа 2021 година во македонско – грчките односи, кои се чини дека влегоа во нормален тек, се движат во нагорна линија, мразот веќе одамна е скршен, а довербата сѐ повеќе се зајакнува, но во исто време Грција останува и силен поддржувач на ЕУ перспективата на Северна Македонија, анализира дописничката на МИА од Атина.

dobivaj vesti na viber

Претседателот, премиерот, собранискиот спикер, шефот на дипломатијата, вицепремиери, министри од Владата во повеќе наврати или официјално или за учество на конференции ја посетија Атина, а постоеја и возвратни патувања во Скопје, средби на високо ниво кои секогаш поминуваа во позитивна и конструктивна клима.

Грција и понатаму останува силен поддржувач на европската перспектива како на целиот регион на Западен Балкан, така и на Северна Македонија, нешто што јавно и континуирано го споменуваше и споменува грчкиот државен врв.

Официјална Атина доста често и во повеќе наврати повторува дека интеграцијата на регионот во Унијата е важно и за самите земји и Западен Балкан, но и за самата Грција.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис од Генералното собрание на ОН порача дека „време е ЕУ да испорача“ за регионот, од Самитот на Берлинската иницијатива за Западен Балкан рече дека стратешки избор на Грција беше и останува ЕУ перспектива на регионот, а неколкупати јавно ја изразуваше поддршката на Атина.

Идентични беа ставовите и на шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас и на алтернативниот министер за надворешни работи на Грција Милитиадис Варвициотис.

Дендиас бараше зголемување на напорите за европска перспектива за Западен Балкан и Европејците да им понудат јасна пристапна перспектива на земјите од Западен Балкан, неколку пати изразуваше силна поддршка за одржувањето на првата меѓувладина конференција со Албанија и Северна Македонија, но и порачуваше дека не смее да се дозволи, „Западен Балкан да остане црна дупка во центарот на Европа“.

Од друга страна, Варвициотис порачуваше дека за Грција е важно вратата на ЕУ да остане отворена за земјите од Западен Балкан додавајќи дека тоа ќе придонесе за стабилност во регионот, но и дека тие не прифаќаат евентуално одвојување на Северна Македонија и Албанија на патот кон ЕУ.

Алтернативниот шеф на грчката дипломатија Милтиадис Варвициотис кон средината на септември организираше во Солун специјална конференција за регионот „Западен Балкан учествува во дијалогот за иднината на Европа“, со присуство на министри за надворешни работи и вицепремиери од земјите од регионот, меѓу кои и заменик-претседателот на Владата на Северна Македонија Никола Димитров, а пораката беше дека ЕУ треба да го исполни солунското ветување од 2003 година, но и дека местото на Западен Балкан е во Унијата.

На крајот на септември, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на неговото учество на „ Athens Democracy Forum“, испрати јасна порака дека Грција не ја поддржува Бугарија во блокадата на европската перспектива на Северна Македонија, истакнувајќи дека тоа е „непотребна компликација“, што воедно беше и првпат официјално и јавно Атина да изрази став за бугарското вето.

По последните избори во Бугарија, токму Мицотакис беше првиот странски лидер што ја посети Софија, а Северна Македонија се најде на агендата разговори на средбите со неговиот бугарски колега Кирил Петков и со претседателот на земјата Румен Радев.

Поранешниот шеф на грчката дипломатија, а сега надлежен за надворешна политика во опозициската СИРИЗА Јоргос Катругалос, побара од Мицотакис за време на посетата на Бугарија „да го нагласи деблокирањето на пристапниот процес на Северна Македонија, во рамките на потребата за стабилизирање на Западен Балкан“.

СИРИЗА ја нагласува важноста на Договорот, Ципрас за МИА открива што ќе стореше поинаку ако беше на власт

По повод три годишнината од потпишувањето на Договорот од Преспа, на 17 јуни, поранешниот грчки премиер и лидер на СИРИЗА Алексис Ципрас, во интервју за МИА истакна дека „како што најдовме ние, така и Бугарија треба да најде политичка волја за взаемно прифатливи решенија“.

Потенцираше дека со Договорот од Преспа, ЕУ беше принудена да го одмрзне процесот на проширување, да ја зајакне нејзината улога во регионот и да даде зелено светло, не само за Северна Македонија, туку и за Албанија.

Ципрас откри што би направил поинаку од актуелната грчка Влада, доколку СИРИЗА беше сега на власт, објаснувајќи дека ќе одеа „уште порешително напред во спроведувањето на договорот и во унапредувањето на стратешки односи со Северна Македонија“, а како пример, меѓу другото спомена дека ќе го одржеа вториот Совет за соработка на високо ниво, веќе ќе ги имаа ратификувано меморандумите за соработка итн.

Во јавни обраќања и интервјуа во Грција, поранешниот грчки премиер на неколку пат истакна дека „со Договорот од Преспа е спречена експанзијата на Турција во регионот“, но и дека ако не беше постигнато решението, сега на северната граница, Грција ќе имаше непријател и „евентуално уште еден сојузник на Турција на Ердоган“.

За Договорот од Преспа, поранешните премиери на Северна Македонија и Грција Зоран Заев и Алексис Ципрас ја добија Меѓународната награда за мир на Вестфалија што им беше врачена на свечена манифестација во Мунстер, Сојузна Германија.

Ципрас, тогаш порача ЕУ мора активно да го поддржи Договорот од Преспа, мора да стори сé што е потребно за да се одржат Меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија, како и да се постигне напредок во преговорите Белград- Приштина.

Пратеници од СИРИЗА, од друга страна, континуирано бараат од актуелната Влада да ги заврши обврските што произлегуваат од договорот, како што е ратификацијата на трите меморандуми во Парламентот.

Договорот од Преспа, го спомена и папата Франциск во неговото обраќање за време на свеченоста во претседателската палата во Атина, во присуство на претставници на грчкиот државен врв за време на неговата тридневна посета на Грција.

Ја изрази неговата почит за „не лесниот пат што доведе до Договорот од Преспа, потпишан меѓу Грција и Северна Македонија“.

Оставката на Заев и ја „размрда“ Атина

Токму почитувањето на Договорот од Преспа го споменуваше грчкиот државен врв, откако тогашниот премиер Зоран Заев, по завршувањето на локалните избори најави дека ќе се повлече од функцијата претседател на Владата, а оставката беше меѓу главните вести во Грција, но донесе и политички реакции.

Иако ставот на официјална Атина е дека не ги коментира внатрешните случувања во ниедна земја, сепак пораката беше „pacta sunt servanda“, односно дека договорите мора да се почитуваат, во случај на промена на власта кај нас.

-Договорите се однесуваат на држави, а не на Влади, порача грчкиот премиер Кријакос Мицотакис во интервјуто за телевизијата „Мега“, додека пак шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас од своја страна истакна дека „договорите мора да се почитуваат, без разлика на владите“.

-Во демократските општества, владите доаѓаат и си одат, но државите и обврските што ги преземаат остануваат. Нова Демократија не гласаше за Договорот од Преспа и имаше остри приговори за конкретни точки, за чии последици, на најинституционален начин предупреди во грчкиот Парламент. Но, не криеше, како по изгласувањето на Договорот, така и од првиот момент кога ја презеде функцијата, дека ќе го спроведе, истакна Дендиас во едно од неговите интервјуа и изрази надеж дека ќе продолжи „соработката во сите области со која Влада и да произлезе од внатрешните процеси во Северна Македонија“.

Со построг став беше алтернативниот министер за надворешни работи Милтиадис Варвициотис кој евентуалната промена на ставот ја поврза со ЕУ перспективата на Северна Македонија.

– Ако има владина промена ова сигурно ќе донесе голем притисок врз Договорот, врз правилното спроведување на Договорот од Преспа што е прашање за нас. Но, сметам дека ќе создаде повеќекратни проблеми за самата Северна Македонија во врска со нејзиниот европски тек, рече Варвициотис.

Со став за оставката на Заев, преку социјалните мрежи се огласија и претставници на опозициската СИРИЗА, кои членови упатија критики за ставот на актуелната грчка Влада и ја истакнуваа важноста на Договорот од Преспа.

Атина реагираше за дресовите на македонската фудбалска репрезентација на ЕП 2020

Учеството на македонската фудбалска репрезентација на Европското првенство и дресовите на репрезентативците со амблемот на ФФМ, предизвикаа реакции во Грција, како од медиумите така и од шефот на грчката дипломатија и се чини дека беше единствениот „трн“ во односите меѓу двете земји во текот на минатата година.

Како што брифираа грчки дипломатски извори, за време на Европското првенство, министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас испратил писмо до неговиот колега Бујар Османи, во кое побарал целосна и доследна имплементација на Договорот од Преспа, но и употреба кратенката „НМ“ или „РНМ“ наместо „МКД“, нешто што Грција не го прифаќа, но и дека треба да се реши и прашањето со промена на името на Фудбалската федерација.

Тогашната портпаролката на грчката Влада Аристотелиа Пелони упати повик до нашата земја целосно да го имплементира Договорот од Преспа и да избегнува активности кои би можеле да ги отежнат билатералните односи и истакна дека Грција „сака добри односи со соседната земја“.

За конкретното прашање, тогашниот премиер Зоран Заев во писмената изјава за грчката новинска агенција АНА-МПА и грчката државна телевизија ЕРТ објасни дека веќе е покренат конкретниот аспект со Федерацијата и „во наредниот период ќе се реши прашањето врз основа на Договорот од Преспа и правилата и традицијата на УЕФА“.

Заев додаде дека цела Европа знае дека нашата фудбалска репрезентација на првенството ја претставува Северна Македонија, дури и Федерацијата да не е јавен ентитет, националниот тим е, како што е во сите земји во светот“.

Монашкиот хор при манастирот Бигорски учествуваше на официјален настан во Атина

Монашкиот хор при Бигорскиот манастир во декември учествуваше на првиот Меѓународен фестивал на православна црковна музика во Атина, под покровителство на Министерството за култура на Грција, општината Атина и атинската архиепископија и воедно беше за прв настап на македонски хор на ваков официјален настан кај јужниот сосед.

Нивниот настап беше поздравен со долг аплауз и воодушевување од присутните, а за време на тридневниот престој во Атина учествуваа и на литургии во две грчки цркви.

Игуменот на Бигорискиот манастир, Епископот Антаниски г. Партениј во разговор со дописничката на МИА од Атина, не го криеше задоволството и воодушевувањето како од учеството, така и од приемот, но и од самиот настан, и истакна дека му се остварил сонот неговите духовни чеда да го изучат источното православно пеење.

-Сметам дека треба што повеќе вакви средби да се случуваат, затоа што ваквите настани ќе допринесат за поголемо зближување на нашите два братски православни народи на нашите две цркви, истакна Епископот Партениј за МИА и додаде дека „сепак треба уште многу работа за да се прифати реалноста што ја живее нашата Македонска православна црква- Охридска архиепископија и дека треба повеќе да се трудиме сите, таа реалност да се прифати, бидејќи е една неправда, овој народ да биде третиран како да е надвор од црквата“.

Здружението на јеропсалти, односно црковни певци на периферијата Атика на епископот г. Партениј му додели почесен медал за неговите заложби за источно- црковното православно пеење, но тој истакна дека медалот му припаѓа на братството.

Соработка меѓу Северна Македонија и Грција имаше, а според најавите, ќе има и во 2022 година, но сепак двете страни имаат и обврски што се очекуваше да бидат завршени во 2021 година, а сега се префрлаат оваа година.

МИА ги анализира и предизвиците за годинава во односите меѓу двете земји, а меѓу обврските што се однесуваат на официјална Атина се ратификација на меморандумите во Парламентот, кои над една година чекаат да бидат ставени на дневен ред, да одреди термин за втората меѓувладина седница за која домаќин е Грција, евентуално грчките политичари да ги прифати отворените покани за возвратни посети на Скопје.

Би можело да ве интересира

Ковачевски – Фрагојанис: Односите со Грција се издигнуваат во стратешко партнерство за силно економско поврзување

А1он

Радев до Мицотакис: Договорот од Преспа и Договорот за пријателство да станат дел од преговарачката рамка на Северна Македонија со ЕУ

А1он

Дендиас: Проблемите на Договорот од Преспа се очигледни, но договорите мора да се почитуваат

Ана Ололовска

Ципрас му се заблагодарил на папата Франциск за споменувањето на Договорот од Преспа

Ана Ололовска

Иконому: Се покажува дека е правилен изборот да не брзаме со ратификација на Меморандумите со С. Македонија

Ана Ололовска

Пендаровски: Добив потврда дека Грција го почитува Договорот од Преспа и сака целосна имплементација

А1он