Одбележување на Илинден во Крушево, Пелинце и Скопје

Од:

Со централна прослава на „Мечкин Камен“ во Крушево и со положување цвеќе на повеќе локации низ државата денеска се одбележуваат 122 години од Илинденското востание и Крушевската Република, како и 81 година од Првото заседание на АСНОМ – два клучни столба во македонската државност.

Централната прослава ќе се одржи во Крушево, под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Одбележувањето ќе почне со положување цвеќе на гробот на Никола Карев и на споменикот на хероите на месноста „Слива“, по што ќе се одржи панихида во храмот „Св. Никола“.

Претседателката Сиљановска-Давкова ќе положи цвеќе и на „Мечкин Камен“, каде ќе има и свое обраќање.

Чествувања ќе се одржат и во Скопје, каде премиерот Христијан Мицкоски ќе положи цвеќе на споменикот на претседателот на Крушевската Република Никола Карев пред зградата на Собранието, на споменикот на АСНОМ во паркот „Жена Борец“ и на споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов – Ченто на плоштадот „Македонија“.

Одбележувањето на 81-годишнината од Првото заседание на АСНОМ ќе се одржи во Меморијалниот центар во Пелинце на која ќе присуствува потпретседателката на Собранието Весна Бендевска.

Државната делегација предводена од потпретседателката на Собранието Бендевска ќе го одбележи 2 Август – Илинден и во манастирот „Прохор Пчински“, кој има посебно значење во историјата на македонската држава.

Цвеќе пред спомен-обележјата во Крушево, Пелинце и Скопје ќе положат и собраниски делегации, како и делегации на политички партии.

Оваа година се одбележуваат 122 година од Илинденското востание и 81 година од одржувањето на Првото заседание на АСНОМ.

Почетокот на Илинденското востание го објавиле камбаните во Крушево на полноќ спроти Илинден 1903 година. Околу 800 востаници го ослободиле градот, а по два дена Никола Карев ја прогласи Крушевската Република и стана нејзин претседател. Слободната Република траеше десет дена. Под команда на Бахтијар-паша, 18-илјадна османлиска војска тргна во акција за враќање на власта во Крушево. Последните истрели на Мечкин Камен и загинувањето на војводата Питу Гули, го означија и крајот на Крушевската Република.

Четириесет и една година по Илинденското востание, во манастирот Св. Прохор Пчињски кај Куманово 115 делегати го одржаа Првото заседание на АСНОМ (Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија), на кое е потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамките на ДФ Југославија. Заседанието го отвори Панко Брашнаров, најстариот делегат и сведок на двата Илиндена. Избран беше Президиум на АСНОМ, под претседателство на Методија Андонов-Ченто.

Заседанието усвои неколку документи со државотворно значење, меѓу кои и Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија.

Би можело да ве интересира

Уапсете ги сите организатори и учесници ако сакате да покажете дека не сме тиња од држава

Предраг Петровиќ

ВРЕДИ: Новиот закон за игрите на среќа e за заштита на албанското семејство

Aпел за собирање парични средства за операција на Нина

Предраг Петровиќ

Тврдењето за непотребни операции на срцe ја губи основата: Eкспертите посочиле сомнителна дијагностичка евалуација

Кристофер Хил: Европа го сака Балканот, не ги сака балканските проблеми

Бугарската министерка за надворешни работи предупредува на застој во евроинтеграцијата на Македонија