Со палење шест меморијални свеќи, денеска во Музејот на холокаустот беа одбележани 73 години од востанието и смртта на шесте милиони Евреи во Варшавското гето.
По повод овој Национален комеморативен ден на холокаустот – Јом Ашоа, Еврејската заедница во Република Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија потсетија на универзалната порака: „Никогаш да не се повтори“.
– Се навршуваат 73 години од херојската епопеја на востанието на Евреите од Варшавското гето кои, одбирајќи достоинствена смрт, голораки, гладни и изнемоштени, се дигнаа против нацистичката армада од која беа систематски одведувани и уништувани во гасните комори. Се потсетуваме на шесте милиони жртви, на страотното, трагично и црно минато од нашата еврејска историја. Денешниот ден е и ден на човековиот хероизам, на човековото достоинство и непокор, рече директорот на Музејот на холокаустот Горан Садикарио.
Претседателот на Еврејската заедница во Република Македонија Берта Романо Николиќ напомена дека денеска, како и секоја година, се одбележува денот на страдањето и јунаштвото зашто „без сеќавања, нема иднина“.
– Секоја година, па и оваа, 5.776 ден 27 нисан по еверјскиот календар, се сеќаваме со пиетет на оние кои мораа да умрат, но не онака како што умираат други луѓе. Нивната смрт е резултат на крвави раце, предизвикана од омраза, најниски пориви, грабежи и политички програми, меѓурелигиска омраза, нетолеранција и вековен анимозитет, потенцира Николиќ.
Сеќавањето, додаде, не смее да престане, тоа треба да е опомена за идните генерации, да знаат да изразат жалење за страдањето и губитокот, но истовремено да му се посветат на сеќавањето на жртвите што ќе помогне во спречувањето на повторување на злочинот.
– Проблемите колку и да се тешки, долготрајни и навидум нерешливи, да поминат без жртви и разорувања, без крв, тероризам и одмазди. Наместо омраза, фанатизам и исклучивост, да завладее разум, договор и почит. Денеска е ден кога сите треба да ја испитаме својата свест, кога свеста треба да ја преиспита и целото општество, порача Николиќ.
Во рамки на одбележувањето на Јом Ашоа, на кое присуствуваа и министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Поповски, како и амбасадорката на Франција во земјава Лоренс Оер, во Музејот на холокаустот е поставена и детска изложба, како дел од проектот „Толеранција, дијалог и соработка“. Изложбата, како што рече Садикарио, е со тешка тема, но заради поголема и возвишена цел – создавање здрави генерации, без предрасуди.