Во организација на Македонската академија на науките и уметностите, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, денеска во МАНУ се одржува свечен собир по повод 70-годишнината од објавувањето на македонскиот правопис.
Претседателот на МАНУ академик Владо Камбовски се задржа на озаконувањето на македонскиот правопис и на неговото значење.
– Создавањето литературен јазик е духовна потреба, нагласи Камбовски. Потенцира дека е многу важно да се обучат што повеќе млади македонисти.
В.д. директорот на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ проф. Елена Јованова-Грујовска рече дека македонскиот јазик е еден од избраните јазици во светот што имал своја кодификација.
– Ако во светот се зборуваат над 6.500 јазици, само неколку стотини од нив се во официјална, службена употреба. Македонскиот јазик со донесувањето на македонската азбука на 5 мај и на македонскиот правопис на 7 јуни 1945 година, се вброи во јазиците кои имаат свој правопис, своја официјална, службена употреба во една држава и кај една нација, рече Јованова-Грујовска.
Според неа, нормата е сосема прифатена и доживеала своја валоризација во секојдневната пракса. Додаде дека имаме илјадници книги напишани со оваа азбука и овој правопис.
– По седум децении, македонскиот стандарден јазик е во состојба кога не мора да се брани и да се внимава во секоја ситуација. Кај нас постои ситуациона употреба на македонскиот јазик. Во службена употреба е стандардниот македонски јазик, литературниот. Во разговорниот стил имаме разговорни форми, употреба на жаргон, сленг, турцизми, заемки од други јазици…
Деканот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје проф. Славица Велева изјави дека со оглед на околностите доволно добро се почитува македонскиот јазик, барем на факултетот.
– Младите го почитуваат јазикот онолку колку што ние им овозможуваме да го слушаат македонскиот јазик во изворна форма, онака како што треба да го говорат и слушаат на соодветни места, рече Велева.
Додаде дека македонскиот јазик влезе во онаа група словенски јазици кои со текот на времето се помалку имаат заинтересирани за изучување. Последниве години од 35 до 25 студенти се запишуваат да го изучуваат македонскиот јазик. Според неа, студентите од другите катедри кои изучуваат други јазици ја чувствуваат потребата од изучување на македонскиот јазик како предмет.
Излагање на тема „Современиот македонски литературен јазик“ на собирот имаше академик Блаже Ристовски.
На собирот присуствуваа академици, писатели, професори, студенти…