Одбележан празникот на црквата„Свети Атанасиј“ во кочанско Оризари

Од:

Во една од најстарите цркви во Кочанскиот крај, црквата „Свети Атанасиј“ во населбата Оризари, денеска се одржа света божествена литургија со која чиноначалствуваше митрополитот Брегалнички господин Иларион во сослужение на свештенослужители од Брегалничката епархија.

Поздравувајќи ги верниците и нивното масовно присуство на литургијата по повод празникот на црквата, митрополитот Иларион се осврна на работата на Црковниот одбор, кој овој црковен храм го обнови до темел, а и натаму продолжува со уредување на неговата надворешност и внатрешност.

Црковниот одбор во првата фаза од обновата на црквата целосно ја смени фасадата, го поплочи дворот и почна со фрескосликањето на страничниот дел од нејзината внатрешност. Во тек е реализација на втората фаза од уредувањето каде што е планирана обнова на потпорните ѕидови, како и хортикултурно уредување на просторот и поплочување на внатрешноста на црквата.

– Со средства од верниците и донатори, како и од иселеници од Оризари во европските земји успеавме да ја уредиме внатрешноста на црквата, да ја обновиме фасадата и да ја живописаме со фрески и икони. Ни преостанува да ја доуредиме надворешноста околу црквата за кое имаме обезбедено донации. Тоа ќе го сториме штом се подобрат временските услови, истакна Кирил Димитриев, член на Црковниот одбор од Оризари.

Покрај хортикултурното уредување на дворот на храмот, во проектот за обнова на црквата „Свети Атанасиј“ во Оризари е и изградба на влезна капија од нејзината западна страна.

Инаку, црквата посветена на Свети Атанасиј е градена во 1848 година, потоа делумно разрушена за да повторно биде изградена во 1876 година, а фрескоживописана во таванскиот дел од страна на тајфата на Исаија Макаровиќ од село Гари – Дебарско, кој престојувал во кочанско. Од 55-те икони во црквата во Оризари, 17 се наоѓаат во регистарот на регистрирани икони на Заводот за заштита на спомениците на културата во Македонија.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) СДСМ поднесе амандман за трагедијата во Кочани, 934 милиони денари помош за настраданите

Горан Наумовски

Левица: Африм Гаши, уценет од ВМРО-ДПМНЕ, илегално ја поништи закажаната Надзорна расправа за Кочани

(ВИДЕО) Лукаревска: СДСМ предлага 934 милиони денари поддршка за семејствата на загинатите и повредените во Кочани

Горан Наумовски

Семејствата на жртвите од „Пулс“ бараат законската финансиска помош

Во Кочани изгореа една куќа и 15 хектари зимзелена и нискостеблеста шума

29-годишен маж од Кочани е тешко повреден во сообраќајка