Бошњачката културна заедница во Македонија со свечена академија го одбележа Меѓународниот ден на Бошњаците.
На свеченоста присуствуваше претседателот Ѓорге Иванов, кој истакна дека во Македонија се почитува и прифаќа Бошњачката заедница со сите нејзини посебности и специфики и оти и во иднина треба да се градат мостови на пријателства и меѓусебна доверба.
– Во рамки на македонскиот модел на соживот, Република Македонија ја почитува и ја прифаќа Бошњачката заедница со сите нејзини посебности и специфики како неразделив дел при што суштината на нашиот модел е сфаќањето дека другите култури и религии не се закана за нечиј идентитет, туку потенцијален извор на негово збогатување. Затоа, ние ја почитуваме и ја прифаќаме различноста. А почитувањето и прифаќањето се темелат врз меѓусебната доверба. Наш завет е и во иднина да градиме мостови на пријателства и заедно да чекориме кон нашата заедничка европска иднина, рече Иванов.
Беше промовирано и новото здружение на Бошњаците чиј претседател Сеад Кочан нагласи дека заедничка е определбата на сите да работат на почитување на етничките и религиските различности.
– Како граѓани на оваа држава треба да се стремиме кон постојано подобрување на условите, кон постојан напредок, усовршување на толеранцијата и солидарноста, да се мотивираме да изградиме една поволна средина за заеднички успех и напредок на сите граѓани, рече Кочан.
Тој посочи дека Здружението на Бошњаците ќе работи во насока на остварување и усогласување на интересите на припадниците на Бошњачката заедница, а како претседател ќе се залага за поголема интеграција и подобрување на позицијата на Бошњаците во културно-општествениот живот во Македонија.