Одбележан 28 август – Денот на рударите во Македонија

Од:

Со пригодни свечености, денеска во РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“ беше одбележан Денот на македонските рудари – 28 август, празник на кој според востановената традиција се промовираат постигнатите резултати во изминатата година и се доделуваат јубилејни награди и признанија.

Во РЕК„Осломеј“ на рударите им се обрати генералниот директор на АД ЕЛЕМ  Дејан Бошковски.  Тој го потенцираше значењето на рударите како важен човечки ресурс од кој зависи процесот на работа во компанијата, а се осврна и на активностите кои ги презема АД ЕЛЕМ во насока на обезбедување стабилно производство во наредните две до три децении.

– За продолжување на работниот век на ТЕЦ Осломеј, во тек е подготовка на физибилити студија за модернизација на оваа централа преку користење на јаглен со поголема калорична вредност. Модернизацијата ќе вклучува замена на парниот котел, модернизација на турбинската опрема, автоматизација на блокот и генераторот, потоа третман на отпадни води и опрема за намалување на издувните гасови. Со реализација на овој проект ќе се продолжи работниот век на ТЕЦ Осломеј за дополнителни 25 години и производство на електрична енергија од минимум 700 GWh годишно, а притоа и обезбедување на највисоките стандарди во врска со заштитата на човековата околина и животната средина, истакна меѓу другото Бошковски.

На одбележувањето на Денот на македонските рудари во РЕК„Битола“ присуствуваше директорот на Секторот за комерцијални работи и член на Управниот одбор на АД ЕЛЕМ Анита Стамнова,  според која врвен приоритет на компанијата останува одржувањето на стабилно производство на јаглен од рудниците „Суводол“ и „Брод – Гнеотино“  и  продолжување  на работниот век на РЕК „Битола“ со отворањето на подинските јагленови серии на рудникот „Суводол“.

– Нашите рудари покажаа дека имаат капацитет и знаење да одговорат на сите предизвици пред кои се исправени, обезбедувајќи  ги неопходните количини на енергетска суровина, потребна за континуирана работа на енергетските блокови на РЕК„Битола“, кои испорачуваат повеќе од 70 отсто од  вкупното домашно производство на електрична енергија, истакна директорот на рудниците во РЕК„Битола“ Спиро Мавровски.

Директорот на РЕК „Битола“, Јовко Крстевски го потенцираше значењето на рударите во остварувањето на крајните производствени резултати на РЕК„Битола“ и напорите кои се преземаат за обезбедување на континуирана работа на РЕК „Битола“ и градење на стабилен енергетски систем на Република Македонија.

На прославата во рудникот „Суводол“ традиционално беа прогласени и најдобрите рудари за оваа година, како и победниците на спортските работнички игри, организирани од синдикалната подружница на РЕК „Битола“ во чест на Денот на рударите.

Би можело да ве интересира

Божиновска: Рударите се ударни и клучни двигатели на домашната економија

Се исцртува ли визија за развојот на рударството во Македонија со формирањето на ново министерство

Горан Наумовски

Државата исправена пред економска логика – ќе го поддржат ли извозот на рударството за зголемен економски раст?

A1on

Продолжува уривањето на рудникот во регионот Амур, 13 рудари се заробени

(ВИДЕО) Индиските работници по повеќе од 17 дена се извлекоа од урнатиот тунел

Горан Наумовски

Пожар избувна во рудник за јаглен во Кина, најмалку 16 загинати

А1он