Од срцеви болести лани починале шест пати повеќе луѓе отколку годинава од Ковид-19

Од:

Од Ковид-19, досега, според официјалната статистика на Министерството за здравство, починале 1.600 луѓе, што е за 6.6 пати помалку од бројката на лица кои починале од болести на циркулаторниот систем во 2019 година (10.586 лица).

Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека лани од малигни неоплазми (канцер) починале 3.785 луѓе, што е за 2.3 пати повеќе отколку од Ковид-19.

Истата статистика покажува дека од дијабет лани починале 948 лица, 1.6 пати помалку отколку годинава од Ковид-19.

Официјална статистика за причините смрт за 2020 година сè уште нема, а од Државниот завод за статистика велат дека таа ќе биде достапна дури во јуни 2021 година. Од тие причини, засега е невозможно да се направи комплетна компарација за смртноста од Ковид-19 и точниот сооднос на бројките. Невозможна е и комплетна анализа ниту во однос на минатата година, со оглед на тоа што коронавирусот во Македонија се појави во март 2020, а годината сè уште не е завршена.

Според досегашните достапни статистики, нема големи поместувања ниту во однос на бројките во однос на вкупната смртност на годишно ниво. Колку за пример, во второто тримесечие (април, мај, јуни) од 2018, починале 4.592 луѓе, во истиот период лани имало 4.915 смртни случаи, а годинава во истиот период имало 5.064 смртни случаи, што е за 149 повеќе од минатата година.

Сепак, во овој случај треба да се земе предвид фактот што годинава бројот на смртни случаи од Ковид-19 во земјава се зголеми во третото и четвртото тримесечие од 2020, а официјална статистика за морталитетот во овој период сè уште нема.

Она што досега се знае е дека смртноста од Ковид-19 е далеку помала од смртноста од кардиоваскуларните заболувања, кои сè уште се на врвот на листата како причина за смрт кај граѓаните. Па така, лани во земјава починале 20.446 луѓе, од кои половината, 10.586 починале од срцеви заболувања.

Процентуално, смртноста од Ковид-19, ако се пресмета според бројот на заразени и бројот на починати, според последните податоци од вчера, изнесува 2,8%. Ова значи дека досега во Македонија, од 57.541 заразени со коронавирусот, починале 1.600 пациенти.

Овој процент е на врвот во регионот, заедно со Босна и Херцеговина каде стапката на смртност е 2,9 проценти. Во Албанија процентот на смртност изнесува 2,1%, во Србија е 1%, во Бугарија 2,5%, во Хрватска 1,3%, во Словенија 1,7%, а во Црна Гора 1,4 проценти од заразените починале како последица на вирусот.

Би можело да ве интересира

Угостителските услуги за една година поскапеле за 6,3 отсто

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Од земјава годишно се иселуваат 12 илјади луѓе, за пет децении Македонија ќе има 1,3 милиони жители

Катерина Ѓуровски

БДП зголемен за 2,2 отсто соопшти Статистика

Ковид-19 од денес е обична заразна болест, укинати и последните мерки за носење маски

Орце Костов

Пендаровски го потпиша Указот за новиот Закон за амнестија за прекршоците во ковид кризата

Катерина Ѓуровски