„Oд Срце за срце” е насловот на книгата која денеска ќе биде промовирана кај „Школка“ во Градскиот парк во Скопје. Средствата од продажбата на книгата, ќе бидат наменети за децата од СОС Детско село.
Книгата, која чини 100 денари, содржи 100 креативни дела од деца, како цртежи, раскази, песнички, кои во периодот од 7 април до 15 мај годинава ги испраќаа во рамки на донаторската кампања „Од срце за срце“ за испраќање на децата од СОС Детското село на летен одмор. На настанот ќе бидат доделени наградите за трите најдобри дела и 10 пофалници.
Дел од делата беа постирани на фејсбук-страницата – „Од срце за срце“, а дел и во месечните списанија за деца од 2-12 години, „Играј!“ и „Направи сам“.
Граѓаните и понатаму може да се вклучат со донирање, согласно своите можности, преку посебната трансакциска сметка на СОС Детско село во Шпаркасе Банка број 250-1010002868-04. Донациите ќе може да се реализираат и со повик на хуманитарниот телефонски број 143 456 на сите три мобилни оператори Т-Мобиле, ВИП и ОНЕ. Секој повик чини 100,00 денари + ДДВ.
Организацијата СОС Детско село Македонија е основана во 2001 година, како член на големото семејство сочинето од 500 Детски села во 133 земји низ целиот свет, чија основна цел е на децата без родители и родителска грижа да им овозможи топол дом, семејство и подобра иднина. Првото СОС Детско село во Македонија официјално почна со работа во 2002 година, со сместување на првото дете.
Денес, под заштита на организацијата СОС Детско Село Македонија се повеќе од 260 деца без родители и родителска грижа и деца кои се во ризик да ја загубат грижата од своите семејства.