Новиот објект на Подрачното општинско основно училиште „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во населбата Хром е комплетно завршен и опремен и од понеделник во него ќе почне наставата, најави заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски.
Станува збор за инвестиција од 30 милиони денари со кои Владата преку МОН во изминатите 14 месеци го реновира, догради и целосно го опреми објектот на Подрачното училиште во Хром кое ќе функционира како петтолетка.
– Објектот е направен по сите стандарди за реализирање на наставата за учениците и за учениците со посебни потреби. Можам да кажам дека успешно реализиравме уште едно ветување како што беше и планирано. Со тоа се обезбедуваат услови за сите ученици од населбата Хром да посетуваат настава во местото каде што живеат, со што ќе се избегне потребата тие да бидат со автобуси транспортирани во објектот на Централното основно училиште кое се наоѓа на неколку километри, изјави Ристовски по посетата на училиштето во Хром.
Тој нагласи дека Хром е перспективна населба во која се повеќе има присуство на млади брачни парови и зголемен е бројот на новородени деца. Поради тоа, како што истакна, неопходно беше да се заврши и комплетира училишниот објект.
Ристовски се заблагодари на Општината Ѓорче Петров за соработката, за брзината со која е изграден овој капитален објект за образованието на учениците во општината Ѓорче Петров.
Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров Сокол Митровски заблагодарувајќи се на Владата и на МОН за исполнетото ветување рече дека објектот на Подрачното училиште во Хром во иднина ќе прерасне во деветолетка како што и беше ветено во неколку наврати.
– Во училиштето сега има идеални услови за одвивање на наставата, но нема да застанеме тука и заедно со Владата ќе продолжиме со изградбата на ова училиште како што е ветено, за да биде деветтолетка. Со растот на населбата сакам да потврдам дека во наредните неколку години ова училиште ќе прерасне во деветолетка, рече Митровски.
Појасни дека во изминатите 20-ина дена учениците од населбата Хром наставата ја посетувале во ОУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во Ѓорче Петров за што Општината организирала бесплатен автобуски превоз, како и во текот на минатата година кога се градеше училиштето.