(ВИДЕО) Заев: Од октомври повторно евтина тарифа на струјата

Од:

Од октомври стартува евтината тарифа на струјата, мерка што ја вети Владата пред изборите, соопшти денеска премиерот Зоран Заев.

На заедничката прес-конференција во Владата на која присуствуваа и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, како и министерот за економија Крешник Бектеши, Заев рече дека евтина струја ќе има секој работен ден и во сабота од 14 до 16 часот, како и од 22 до 7 часот наутро, а во недела останува досегашната пракса, евтина струја да има цел ден.

Мерката ќе чини осум милиони евра, нема да влијае никако на покачување на цената на струјата, туку ќе базира исклучиво на заштедите на ЕЛЕМ и МЕПСО. Исто така, не е временски детерминирана, ниту се коси со европската регулатива, а, како што рекоа Заев и Анѓушев, најголем бенефит од неа ќе имаат посиромашните.

– Исполнуваме уште една преземена обврска од Програмата на Владата со која се олеснува животот на граѓаните. Ја враќаме евтината тарифа на струјата. Tаа станува реалност. Мерката ќе чини осум милиони евра. Тие пари ги враќаме на граѓаните. Кога ја креиравме Програмата на Владата во фокус ни беа потребите на граѓаните без исклучок. Зацртавме задача дека еден од приоритетите на Владата ќе биде намалувањето на трошоците за живот и враќање на парите кај граѓаните. Си поставивме цел – справување со енергетската сиромаштија и враќање на евтината тарифа на струјата. До октомври ќе бидат подготвени сите услови за спроведување на мерката, истакна Заев.

Исполнувањето на должностите, дополни, е прашање на честа и на интегритетот на оваа Влада, но во исто време и прашање на вредности, како и на почит кон сите македонски граѓани.

– Се посветивме и ги спроведуваме сите определби предвидени во владината Програма до 2020 година и од тоа нема отстапување, зборот е збор. Во Македонија може да се живее добро ако заедно и посветено се заложиме да ги оствариме идеите за достоинство на сите. Владините мерки водат само во една насока – живот за сите во Македонија, живот во секој дом. Така почнавме, така и ќе продолжиме, потенцира Заев.

Прашан да ги образложи проектираните осум милиони евра за евтината тарифа на струјата, Заев уште еднаш подвлече дека заштедата е возможна зашто ќе се работи чесно и посветено за бенефит и добро на граѓаните. Поскапување на струјата, посочи, може да има само ако расте цената на електричната енргија на берзата. Ако тенденцијата на светско ниво е пораст на цената на струјата, веројатно ќе има импликации и тука. – Знаеме дека до 1 јули 2018 година нема да има корекција на цената, ниту има очекувања дека цената на струјата ќе расте. Обично цената на струјата се зголемува кога има помала понуда, а има поголема побарувачка. Со обновливи извори на енергија и поголема продукција секаде во регионот и во светот, како и тука, согласно тенденциите да има нови инвестиции во нови извори на енергија, пред се на електрична, што ќе значи зајакнување на домашното производство, ни дава за право да очекуваме дека и по регулираниот период од 1 јули нема да има поскапување на струјата, рече Заев.

Според него мерката ќе базира исклучиво на заштедите на ЕЛЕМ и МЕПСО, со тенденција и ЕВН да направи дополнителни напори во рационализација на своето штедење. – Ако цената на ископот на јагленот во минатото била 134 – 167 денари, утре има лицитација со почетна цена 89 денари па надолу, тоа е 100 отсто заштеда. Тендерот е на 800 милиони или околу 13,5 милиони евра, објасни премиерот, додавајќи дека е посебно среќен што оваа мерка најмногу ќе ја почувствуваат посиромашните граѓани.

Според вицепремиерот Кочо Анѓушев, домаќинското работење на компаниите ќе биде изворот на средства, а такви заштеди се веќе направени. ЕВН Македонија нема да добие субвенција за евтината тарифа на струјата, иако очекувано, ќе бележи загуби.

За враќањето на евтината тарифа, информира, биле консултирани сите релевантни чинители, вклучувајќи ги и ЕВН и Енергетската заедница. Владата на седница препорачала сите чинители на пазарот на електрична енергија и Регулаторната комисија да направат анализа за воведување на евтината тарифа.

– Намалувањето на непродуктивните трошења во енергетските компании, пред се во ЕЛЕМ и МЕПСО, нивните заштеди, намалувањето на цените на ископите и на цените на репроматеријалите, ќе биде пренесено како бенефит на сите граѓани на Република Македонија, посебно на тие кои најмногу ја користат евтината тарифа, а тоа се посиромашните слоеви, рече Анѓушев.

Одговорајќи на новинарски прашања, Заев и Аншушев нагласија дека иако ќе биде два часа во денот, од 14:00 до 16:00, евтината тарифа не е наменета за пензионерите, туку за сите граѓани.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Раководството на СДС, е најлошиот избор составен од децата на Заев

Ставот на Владата за уставните измени е јасен и остануваме на истиот, изјави Митева

Во дел од штипските населби проблеми со снабдувањето со струјата

Азизи: Владата вонредно заседаваше, донесена одлука да се позајмат на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата

Град Скопје: Ја поздравуваме одлуката на Владата

Нафта од државните резерви за Градот Скопје за решавање на проблемот со автобусите