Од 8. јули 250.000 осигуреници побрзо и полесно до лек

Од:

Од 8 јули 85 лекови од позитивната листа со новите измени кои ги воведува Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) стануваат подостапни за 250.000 осигуреници кои ќе може да ги подигнуваат на поедноставен начин односно 733.000 рецепти побрзо ќе ги реализираат.

Измените, кои денеска на прес-конференција ги презентираше директорот на ФЗОМ, Маја Парнарџиева Змејкова, се направени по барање на група осигуреници и на лекарите, но и врз основа на анализите  на ФЗОМ,  според кои  е оценето дека има и медицинско оправдување за новата либерализација на тие лекови од позитивната листа. Таа посочи дека одлуката е објавена  во Службен весник на РМ и опфаќа две измени во делот на режимот на пропишување одредени лекови.

– Новината во првиот сегмент е менување на режимот на пропишување од лек за употреба во болнички услови во лек кој може да се издава на рецепт во примарна здравствена заштита. За 10 лекови по генерика односно 16 заштитени имиња на лекови направивме промена и ги префрливме на примарната листа односно осигурениците во аптека веднаш да можат да си ги подигнат на товар на Фондот без да се оптoварува и буџетот на болницата и да се прави непотребно талкање на осигурениците до болница во и надвор од местото на живеење, но и да се укинат рефундациите, рече Парнарџиева Змејкова.

Фокусот, појасни, ни е осигуреникот побрзо и полесно да го добие лекот на рецепт на товар на Фондот.

– Целта ни беше и да се намали бројот на упатувања на повисоко ниво во здравствениот систем и само да се добие препорака за одреден лек, а не да се направи контрола односно да се направи преглед кај доктор, рече Парнарџиева Змејкова.

Нагласи дека од болничка на примарна позитивна листа се префрлуваат  лекови за епилепсија (oxcarbamazepin (Trileptal, Oxalept), кои ќе може да ги пропишува избран лекар по препорака од специјалист или субспецијалист, за паркинсонова болест (levodopa, carbidopa, entacapone (Stalevo), антидепресиви (venlafaxine (Velafax, Velahibin, Zanfexa) кои ќе може да ги пропишува избран лекар по препорака од специјалист, за трансплантација на органи и ткива (itraconazole (Orungal) кои сега ќе може да ги пропишува избран лекар по препорака клинички конзилиум и за  автоимуна невромускулна болест мијастенија гравис (pyridostigmine (Mestinon).

Таа истакна дека втората измена се однесува на тоа дека лековите ќе може да ги пропишува избран лекар без претходна препорака од  специјалист  или субспецијалист.

– Со ова ќе се намали бројот на упатувања, односно 250.000 дополнителни термини би се ослободиле во клиниките и болниците, а со тоа и повеќе време ќе имаат специјалистите да посветат внимание на пациентите. Придобивка за осигурениците е дека ќе се скрати и времето кое што досега беше потребно да се добијат овие лекови на рецепт на товар на Фондот. Особено за  осигурениците кои досега требале да патуваат до здравствените установи од повисоко ниво во други градови, а сега ќе можат само со посета на избраниот лекар да добијат рецепт за овие лекови, посочи Парнарџиева Змејкова.

Ваква промена, како што укажа, е извршена кај 13 лека по генерика со фармацевтска дозажна форма и јачина, односно кај 69 заштитени имиња е извршена ваква промена.

Лековите опфатени со оваа измена  се од групата на антибиотици azithromycin (Sumamed, Azibiot, Hemomycin, Azatryl, Azitromicin, Azimed) и clarithromycin- Fromilid, Lekoklar, Klaricin, Uniklar, Zymbaktar, Meristat, Claritromycin, кои ќе може да ги пропишува и избран општ лекар без препорака од специјалист, лекови за: третман на желудник (pantoprazole (Controloc,  Nolpaza, Zipantola,  Acipan, Gastroloc,  Pantoprazol Farmoz) кој наместо по препорака од субспецијалист – гастроентерохепатолог ќе може да ги пропише избраниот лекар, за висок крвен притисок и срце (bisoprolol (Concor, Bisobel, Bipresso, Bisoprolol, Byol, Bisocor) кој ќе може да го пропише избран лекар  наместо по препорака на  специјалист интернист или субспецијалит кардиолог и против вртоглавица (cinnarizin –  Cinedil, Stugeron,Cinarizin).

Би можело да ве интересира

Времено отстранети двајца доктори од Детска клиника, за кои се води дисциплинска постапка за смртта на 14-месечното бебе

Предраг Петровиќ

Укината забраната: лекарите од приватното ќе може да се вратат во јавното здравство

Катерина Ѓуровски

Зголемување над 60 проценти на болни од Ковид-19, регистрирани 271 случај минатата недела

Предраг Петровиќ

Демири го разреши директорот Шокаровски поради висока смртност на Кардиохирургија

Анита Петровска Рајковиќ

Вработените во здравството ќе протестираат на 8 април, нема да добијат усогласување со минималната плата

Протест на лекарите специјализанти, во тек состанок со претставници на Министерството за здравство