Обвинителството сеуште не ја гони разрешената директорка на Клиниката за кожни болести, Нина Цаца Биљановска, за несовесното однесување, односно, непостапувањето според мерките на државата за заштита од коронавирусот, по нејзиното враќање од Италија. Постапката против Цаца-Биљановска била закочена бидејќи се чекала документација од други институции, објаснуваат од Обвинителството за „А1он“. Одлука за тоа дали против разрешената директорка ќе се поднесе обвинение до надлежен суд ќе биде донесена откако ќе заврши анализата, но и другите истражни дејствија кои по потреба може да ги покрене обвинителот.
„Постапувајќи по поднесено писмено известување од Министерството за внатрешни работи на 19 март, надлежниот јавен обвинител, заради комплетирање на потребната документација, веднаш следниот ден достави наредба до СВР Скопје, како подносител на известувањето, како и барање за доставување податоци до Министерството за здравство. Од нив се бараше да се приложат сите релевантни податоци, во смисла на тоа кој ден поранешната директорка го држела предавањето, список на лица-учесници на тој семинар, дали и кои од тие лица биле заразени со коронавирусот и да се приложи писмена медицинска документација за инфицираноста, како на поранешната директорка, така и на учесниците на семинарот на кои таа им предавала“, велат од Обвинителството за „А1он“.
Одговорот од Министерството за здравство и МВР бил доставен минатата недела, а обвинителот кој работи на предметот го анализира материјалот.
Министерот за здравство, Венко Филипче, пред повеќе од еден месец обзнани дека шест од контактите на разрешената директорка се позитивни на коронавирусот, покажале тестовите кои им биле направени во Институтот за јавно здравје.
На Цаца-Биљановска коронавирусот ѝ беше дијагностициран на 8 март, а на 9 март во изолација беа ставени сите луѓе со кои била во контакт. Таа по скијањето во Италија, една недела одела на работа, непочитувајќи го апелот за самоизолација од 14 дена по пристигнувањето од ризичен регион.