Обвинителството ги отфрли кривичните пријави против Џафери и против пратениците кои болни со Ковид-19 гласаа во Собранието

Од:

Основното јавно обвинителство ги отфрли кривичните пријави на ВМРО-ДПМНЕ и Левица против претседателот на Собранието Талат Џафери и пратениците Бисера Костадиновска од СДСМ и Мирослав Богдановски од ДОМ, кои беа позитивни на Kовид-19, но дојдоа во парламентот и обезбедија мнозинство за носење на економскиот антикризен пакет мерки.

Исто така отфрлена е и пријавата против Собранието на Република Северна Македонија како правно лице за кривичните дела – Пренесување заразна болест, Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија и Тешки дела против здравјето на луѓето, бидејќи постојат други околности што го исклучуваат кривичното гонење.

По приемот на кривичните пријави, за утврдување на битни факти и докази, јавниот обвинител достави барање за доставување податоци до Државниот инспекторат за труд при Министерството за труд и социјална политика, од каде го обезбеди записникот од извршениот инспекциски надзор во Собранието по пријавениот настан. Исто така, од Собранието беше побарано да достави известување и да се појаснат фактите за начинот на закажување на седниците, известувањето на пратениците и почитување на протоколите за заштита од Ковид-19. Притоа, Собранието достави известување во кое се наведува дека двајцата пратеници на денот на одржување на седницата, дошле во Собранието без клиничка симптоматологија со сопствен превоз. Влезот, движењето и сместувањето во просториите за гласање, како и излезот на пратениците биле спроведени во согласност со одобрените протоколи од страна на Комисијата за заразни болести. И при извршениот инспекциски надзор од Државниот инспекторат за труд било констатирано дека нема забелешки.

Од доставените докази, неспорно е дека на критичниот ден во Собранието на Република Северна Македонија се одржале 32-та и 36-та седница, закажани од пријавениот претседател на Собранието. На седниците присуствувале двајцата пријавени пратеници кои во тој момент биле позитивни на Ковид-19, имале решенија за изолација и биле во домашна изолација без изразена клиничка симптоматологија. Но, од ниту еден доказ не произлезе дека тие презеле дејствие со кои ги прекршиле или не постапиле согласно прописите и наредбите издадени од надлежен орган и со тоа предизвикале пренесување на заразна болест и нарушување на здравјето на населението. Пријавените постапиле согласно протоколот за работа во услови на пандемија донесен од Комисијата за заразни болести на 30.07.2020 година, како и дополнувањето на овој протокол од 17.11.2020 година.

Од тие причини, по анализа на пријавите, прилозите кон нив и прибавената документација, јавниот обвинител оцени дека во дејствијата на пријавените не се содржани елементите на наведените кривични дела ниту пак друго дело кое се гони по службена должност.

Што се однесува пак до пријавата насочена против Собранието на Република Северна Македонија, јавниот обвинител донесе решение за отфрлање, имајќи го предвид член 28-а став 3 од Кривичниот законик, согласно кој кривично се одговорни сите правни лица со исклучок на државата. Во конкретниот случај постојат други околности кои го исклучуваат кривичното гонење, бидејќи Собранието е државен орган и носител на законодавната власт.

Решението е доставено до пријавителите, кои согласно член 288 став 2 од Законот за кривична постапка, имаат право на жалба во рок од осум дена до Вишото јавно обвинителство Скопје.​

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: За малку тепачка во Собрание меѓу Апасев и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски

Втор ден амандманска расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Почнува амандманска расправа за Предлог – буџетот за 2025 на Комисијата за финансирање и буџет

Продолжува комисиската расправа за Предлог – буџетот за 2025 година

Почнува комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Собранието го одобри Предлог на законот за дополнување на Законот за градежно земјиште