Обвинителството бара куќен притвор за судијата од скопска Апелација кај кого беа пронајдени 350.000 евра

Од:

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска го сослуша осомничениот судија, на кого му беа презентирани сите досега прибрани докази што го поткрепуваат основаното сомневање за сторени кривични дела.

По сослушувањето и по извршената проценка на околностите релевантни за обезбедување на неговото присуство во постапката, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка куќен притвор.

Покрај куќниот притвор, Обвинителството предложи и мерка на претпазливост, со која се бара привремено одземање на патната или друга исправа за преминување на државната граница, како и забрана за издавање нов документ од тој вид.

Од Јавното обвинителство наведуваат дека предложените мерки се неопходни за непречено водење на истрагата, имајќи ја предвид сериозноста на делата и фазата во која се наоѓа постапката. Конечната одлука по предлогот треба да ја донесе судијата на претходна постапка.

Судијата се сомничи за противправно стекнување и прикривање имот. За време на претрес извршен по судска наредба во домот на неговите родители во Неготино, беа пронајдени 350.000 евра скриени во соѕидан простор во ѕид. Според Обвинителството, постои основано сомневање дека станува збор за незаконски стекнати средства.

Случајот е дел од поширока истрага за висока корупција, која, како што информираат од обвинителството, е поткрепена со информации од Агенцијата за национална безбедност.

Инаку, осомничениот судија и натаму ужива судиски имунитет, кој може да му биде одземен од Судскиот совет, по претходно барање на судијата на претходна постапка.

Би можело да ве интересира

Измамени две стари лица за лажни сообраќајки и лажно претставување како лекари на подрачјето на Штип во последните 24 часа

Судската битка продолжува: Одбраната со жалба за „Геријатрија“, Обвинителството тврди дека доказите се цврсти

Скриените 350.000 евра кај судијата Ристов се пронајдени без претходни ПИ-мерки

Пронајдени соѕидани 350.000 евра во дом на судија од Апелациониот суд во Скопје

Предраг Петровиќ

Полицијата врши претреси на повеќе адреси поради сомнежи за даночна измама

Обвинителството бара притвор за двајца мажи кои силуваa и уценуваa девојче од липковскиот крај