Обвинет за 27 април: Од стартот на протестите на „За заедничка Македонија“ се знаеше дека ќе се влегува во Собранието

Од:

Според сведочењето на Стефан Младеновски, кој е обвинет за упадот во Собранието на 27 април минатата година, Никола Бошкоски, поранешен вработен во УБК кој избега од Македонија заедно со Горан Грујевски, директно бил вмешан во организирањето на упадот во Собранието. Младеновски сведочеше дека врската помеѓу УБК и учесниците на протестот бил Александар Василевски Нинџа, кој, исто така, е обвинет за крвавиот четврток.

Младеновски денеска на рочиштето за упадот во Собранието во исказот кажуваше кој, според него, го организирал, како го организирал упадот во Собранието и што се случувало дента на 27 април 2017 година.

„Откако беше објавена тиранската платформа, почнаа протестите на ‘За заедничка Македонија’. Учествував повеќе пати со мојот брат и екипата на Нинџа со кој се чекавме кај ‘Палома Бјанка’. Со протестите не сум многу запознаен, но знам дека имаше логистичка поддршка од сите ограноци од ВМРО-ДПМНЕ, југото што секогаш одеше напред беше од ОК Кисела Вода. На протестите се знаеше дека кога ќе дојде денот СДСМ да прави Влада и да избере претседател на Собранието дека треба да се влезе во Собранието“, рече Младеновски.

„Нинџа повторно во февруари нè викна во ‘Аристократ’. На таа средба Никола Бошковски ни кажа дека државата ни е загрозена и дека мора да се одбрани. УБК ќе стои позади нас и сите наредни насоки ќе ги добиваме од Нинџа. Нинџа кажуваше дека има насоки кој да се следи, дали има провокатори. Димовски на еден протест ни покажа жена со плава коса со камера и ни кажа дека таа жена секој ден е присутна на протестите со акредитација на странски медиум и доколку биде забележана треба да се извести Нинџа, потоа тој УБК. Подоцна дознав дека жената била приведена и дека се работи за лице на ЦИА. На средина на протестите од Нинџа разбрав дека Владимир Атанасовки, кој беше директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, му кажал да ги контактира патриотските здруженија. Нинџа за нив секогаш велеше дека се кретени и дека треба да се искористат“, рече Младеновски пред Судот.

Тој во сведочењето зборуваше и што се случувало дента на 27 април 2017 година.

„На 27 април околу 13 часот на мојот брат му се јави Кољо и не викна да одиме во ‘Дион’ на ручек. Стигнавме околку 14 часот, беше присутен Нинџа со неговата екипа од 15-20 луѓе. Кога стигнавме таму Нинџа нè извести дека денес е денот. Кратко по тоа во 17 и 30 часот Нинџа седеше на масата позади мене. Го слушнав како му рече на Кољо: ‘Мислам дека треба да ставиме маски подрско ќе изгледа’. Извади пари од џебот му даде пари на Кољо по што се упативме до продавницата ‘Камуфлаж’. Кољо влезе сам и излезе со кеса со маски. Околу 15 и 30 часот пристигна уште една група од Ѓорче. Од Нинџа разбрав дека биле поранешни членови на СДСМ и дека им рекол доколку не сакаат проблеми треба да се докажат. Од задниот џеб извади пари и ми рече да до купиме уште 30 маск. Отидовме, купивме уште 30 маски по што се вративме во ‘Дион’. Кратко по тоа почнаа да пристигнуваат луѓе со маиците. Прво дојдоа од здружението Тодор Александров, Нинџа ги смести во Дион, потоа од здружението Ќосето, тука го видов Горан Ангелов со уште 5 луѓе. Во тие моменти Нинџа замина од ‘Дион’ и рече дека оди да се види со својата сопруга, потоа се врати. Некаде пред 18 часот стигнаа и од здружението Черноземски, со кои не се знам, го знам само Игор Југ бидејќи се дружев со неговиот покоен син. На стрим од мобилен видовме дека во Собрание се пее албанска химна. Во ‘Дион’ се створи атмосфера на нетрпение, луѓето сакаа да одат на протестите по што Нинџа кажа дека е рано. Некаде околу 18 и 40 по краток повик Кољо ни кажа дека Нинџа рекол да тргнеме кон протестите, тргнавме во група од околу 50 луѓе се движевме низ ГТЦ и негде кај жена парк Кољо рече дека се влага во Собранието, да ставиме маски. Некои ставија некои не.

Се створи гужва пред кабинетот на Трајко Вељаноски. Кољо разговараше со некое лице. Тргнавме со тоа лице кон една стаклена врата, лицето проба да ја отвори со картичка, но Кољо ја скрши. Стигнавме пред прес салата. Тука Кољо на новинарите им рече да ги спуштат камерите да не снимаат. Кога се свртев кон вратите од прес салата забележав лице во цивил со вперен пиштол кон нас. Јас ги кренав рацете и се повлеков назад. По 10 секунди тргнав назад кон ходникот. Таму го сретнав Мите Питроповски со кого се симнавме долу и сакавме да одиме накај пленарната сала. Кољо се симна по некое време и ни кажа да одиме повторно нагоре. Тргнавме по скалите нагоре, а со нас имаше и други лица кои не ги познавам. Кога стигнавме пред прес салата разбрав дека имало мешаница откако лицето го извадило пиштолот. Видов дека тоа лице на вратот има закачено картичка. Кратко по тоа тргнавме кон салата ‘Длаборез’, по што повторно се вративме пред прес салата каде имаше собраниско обезбедување пред вратите“, рече обвинетиот.

Тој продолжи да раскажува што се случило откако излегле од Собранието.

„Кога излеговме од Собранието се упативме кон Прометеј споменикот во Жена парк, сите од ‘Дион’ беа таму, меѓу кои Нинџа и Кољо. Беше и Игор Југ кој се лутеше на луѓето со него зашто го оставиле сам. Кај споменикот на Прометеј беше присутен и Дејан Димовски боксер, вработен во УБК, кажа да не се секираме бидејќи камери нема, тој ги искршил. Истото лице кажа дека во 22 часот Иванов ќе има обраќање и ќе прогласи воена состојба дека веќе имало поставено војска на патарините и кај Групчин. Но тоа не се случи. Дејан Димовски Боксер кажа дека таа информација ја добил од некое лице Синиша кој работи кај претседателот Иванов. Кај споменикот кај Прометеј Нинџа ми кажа дека има лица вработени во специјалната единица. Во еден момент се слушна дека група на Албанци се собираат и се спремаат да дојдат према Собранието и дека истите се вооружени. По тоа Нинџа отиде да се види со Никола Бошкоски кој како што разбрав е дојден со некое возило кај Градска болница а во возилото имало оружје, автоматско и полуавтоматско оружје. Го прашав Нинџа што ќе се случи ако дојдат Албанците, тој ми кажа дека и тука има луѓе што знаат да пукаат. Потоа отидовме во ‘Дион’, кафулето беше затворено, но чуварот ни даде гајба сок. Бевме десетина луѓе меѓу кои Питроповски, Кољо Нинџа, Никола Бошкоски. Бошкоски беше среќен, не знам од која причина, а Нинџа му кажуваше што се случило. Нинџа потоа кажа да си одиме, а од наредниот ден ќе се договориме. Од тогаш Нинџа беше во параноја, рече да внимаваме што зборуваме бидејќи сè слушаат и сè знаат“, рече обвинетиот Стефан Младеновски во сведочењето.

Виктор Јованов

Би можело да ве интересира

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

МЗШВ: Собранието го донесе новиот закон за вино, лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје

Нов парламентарен состав до 28 мај

Катерина Ѓуровски

Последната седница на овој парламентарен состав ќе се одржи до крајот на месецов

Не е донесен Законот за игри на среќа, постапката заврши

Катерина Ѓуровски

СДСМ предлага отворање медицински факултет во Битола, ВМРО-ДПМНЕ смета дека нема услови