ВИДЕО: Обвинет во „Транспортер“ бара одложување на судењето бидејќи имал турнеја во Австралија

Од:

Еден од обвинетите во случајот „Транспортер“ Џими Мицевски побара одложување на следното рочиште, кое судијката го закажа за 13 декември затоа што имал турнеја во Австралија.

Тој денеска во судницата рече дека доколку не отиде на турнејата ќе треба да плати 50 илјади долари.

– Цела група ќе ја запустам. Ве молам да се раздвои постапката, зашто ќе сносам огромни трошоци, рече Мицевски, кој е фронтмен на групата „Молика“.

Според СЈО, обвинетиот повеќе од 1 година знае дека е обвинет. Обвинителот Љубомир Лапе рече дека обвинетиот е запознаен со правните последици од неговото неприсуство во постапката. Тој рече дека на други обвинети во предметот им се одземени пасошите и дека секое следно одложување би значело кршење на нивните права.

Обвинителот на СЈО, Трајче Пеливанов, по денешното одложено рочиште за случајот „Транспортер“, рече дека се против издвојување на постапката за еден обвинет кој бараше да биде одложена постапката бидејќи има концертна турнеја. „Не можеме да претпоставиме што би се случувало во иднина, но правиме сè што можеме за побрзо да започне главната расправа“, рече Пеливанов.

На прашањето дали постои можност од бегство на обвинетиот кој бараше да биде одложено судењето, Пеливанов рече дека постои и доколку тоа се утврди ќе ги искористат законските можности да обезбедат негово присуство. Обвинетиот музичар Џими Мицевски е овластено лице на еден од превозниците, рече Пеливанов на новинарско прашање за што е обвинето лицето кое бараше одложување на процесот.

Бранителот на обвинетиот Џими Мицевски, пак, рече дека уште во истрагата тој го известил СЈО дека ќе има турнеи и концерти.

Претходно, судијката Лидија Петровска ја одложи денешната расправа поради боледување на една од обвинетите.

Судијката рече дека поради истата причина судењето се одложува вторпат и за да не се случи истото и во иднина ја отвори можноста за издвојување на постапките.

Судот констатираше дека обвинетиот Слободан Бончановски доставил листа на докази.

Следното рочиште е закажано за 13 декември. Во случајот „Транспортер“ се осомничени поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески и уште 20-тина лица за злоупотреба на службената положба во врска со организирањето превоз на ученици во Битола, со што е направена проневера на околу 360.000 евра.

В. Маглешов

Би можело да ве интересира

Врховен суд: Пресудата за „Транспортер“ во која е осуден битолскиот градоначалник Владимир Талески е законски изречена

Горан Наумовски

Талески останува во затвор – Врховен пресече, пресудата е законска

А1он

Коалиција за правично судење за „Транспортер”: Како Апелација изрече условни казни за дело каде минимум казна е пет години?

Катерина Ѓуровски

Апелација ги намали казните во „Транспортер“, Владимир Талески треба да лежи седум наместо осум години затвор

Кристијан Ландов

Вишото обвинителство Скопје побара да се одбијат жалбите од обвинетите во „Транспортер“

„Транспортер“: Од фирмите треба да се вратат над 34 милиони, ако немаат ќе се конфискува имот од осудените

Кристијан Ландов