Прва субрегионална обука за спроведување на законодавството за води и заштита на природата во прекуграничен контекст, ќе се одржува во Охрид од денеска до петок, во организација на Регионалниот центар за животна средина (РЕЦ) како секретаријат на THEMIS мрежата под покровителство на Австриската развојна агенција (АДА).
На отворањето на обуката ќе говори министерот за животна средина и просторно планирање, Нурхан Изаири, а свое обраќање ќе има и австриската амбасадорка, Ренате Коблер.
На обуката ќе учествуваат претставници на државните инспекторати за животна средина од Македонија, Албанија и Косово, кои за време на тридневниот настан, со поддршка на меѓународни експерти од областа на заштитата и унапредување на природата од Летонија и Австрија, ќе ги воведат учесниците на настанот во техниките за планирање и спроведување на циклусот за инспекција во заштитени природни подрачја.
Целта за изучување на овие техники е да се одговори на барањата на законодавството на ЕУ за заштита на природа, односно Директивите за птици и живеалишта, CITES Директивата, регулативите на ЕУ за трговија со животни и растенија, како и легислативата за води.