(ВИДЕО) ОБСЕ/ОДИХР: Изборите беа мирни, огромни нерегуларности за време на кампањата

Од:

Заплашување на гласачи, пренагласено пристрасно медиумско навивање за ВМРО – ДПМНЕ и негативно известување за опозицијата, злоупотреба на државни ресурси и политичко рекламирање во полза на владејачката партија во предизборната кампања, нотираат ОБСЕ и ОДИХР во извештајот за изборниот процес.

Иако според Стефан Шенах, шеф на делегацијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа изборниот ден поминал ефикасно, дамка фрла организираното гласање во Шуто Оризари, кое според него не е во согласност со демократските стандарди.

– Видовме случаи на организирано гласање, како и некои мали неправилности. Овие случаи фрлаат сенка на воглавно добриот изборен ден. Таква сенка имаше во Шуто Оризари, каде имаше организирано гласање и имаше активности иако беше молк. Имаше размена на негативни обвинувања во албанскиот етнички блок, како и повик да не се гласа. Родовите прашања не беа застапени во програмите на кандидатите – вели тој.

Сепак, во извештајот, севкупна оценка за отворањето на гласачките места, текот на гласањето, броењето и табелирањето на гласови е позитивна. За амбасадорот Герт – Хајнирх Аренс, шеф на набљудувачката мисија, во предизборието државата не ги исполнила важните стандарди кои ги има превземено со членството во ОБСЕ.

– Вториот круг не успеа да исполни важни заложби на ОБСЕ, вклучувајќи ги оние за оддвоеноста на државата и партијата, за обезбедување терен за рамноправен напревар, за точноста на Избирачкиот список и за можноста за правен лек по пат на ефективна жалбена постапка. Сето ова, за жал, го засени изборниот ден кој ги исполни заложбите и беше мирен, изјави амбасадорот Герт – Хајнирх Аренс, шеф на набљудувачката мисија за изборите.

Во врска со одлуката на опозициската СДСМ, да не ги прифаќа изборните резултати, ОБСЕ/ОДИХР изразува жалење.

– Жалиме што главната опозициска партија одлучи да не ги признае резултатите. Ги повикуваме политичките лидери да работат заедички за да се обезбеди нормален почеток со работа на новоизбраната власт. ОБСЕ е подготвено да им помогне на лидерите да се спречи демократското назадување“, изјави Кристин Мутонен, специјален координатор назначен да ја води краткорочната набљудувачка мисија на ОБСЕ.

Според извештајот, ОБСЕ и ОДИХР примиле голем број на веродостојни наводи за извршен притисок врз гласачите, посебно врз вработените во јавната администрација, вклучувајќи притисок за присуство на настани на изборна кампања, притисок да не се присуствува на настани на опозицијата, ветувања за вработување во државна администрација, но и купување гласови меѓи социјално загрозените граѓани.

Од аспект на финансирањето на изборната кампања, во извештајот се вели дека актуелниот систем на финансирање не обезбедува транспарентност, интегритет и отчетност. Работата на Државната изборна комисија во изборниот процес ја исполнила обврската за образование на гласачите, но во извештајот се потенцира дека кампањата не била многу видлива, а важни аспекти од изборниот процес не биле покриени.

Петар Клинчарски

Би можело да ве интересира

На состанокот на ОБСЕ Блинкен предупреди дека Русија ја загрозува европската безбедност

ВИДЕО: Лавров влезе во Европската унија и тоа со руски владин авион

Лавров доаѓа во ЕУ во декември, првпат од почетокот на војната во Украина

Катерина Ѓуровски

ОБСЕ/ОДИХР со позитивна оценка за изборниот ден, процедурите за гласање се почитувале во голема мера

Блинкен и Лавров се разминаа во Скопје, САД и Русија спротивставени за иднината на ОБСЕ, за Украина, Балканот

Габриел не сакала да биде на иста маса со Лавров и затоа предвреме заминала од Скопје

Горан Наумовски