Денеска, Мисијата на ОБСЕ во Скопје го чествува Охридскиот рамковен договор, потпишан на овој ден точно пред 12 години, со што се стави крај на вооружениот конфликт и се воведоа еднакви права и рамноправна застапеност на сите етнички заедници.
„Тогаш, тоа беше победа на разумот и дијалогот наспроти конфликтот“, рече Вршителот на должност шеф на мисијата, амбасадорката Мариане Берец.
„Денеска е важен патоказ кој го обележува суштинскиот процес на интеграција на општеството и градењето вистинска мултиетничка и модерна држава“.
„Со цел да се задржи динамиката на спроведувањето на Охридскиот договор од клучно значење е активното вклучување на сите. Внимателно треба да се следи досега постигнатиот напредок, како и пречките кои допрва треба да бидат надминати“, рече таа.
„Затоа Мисијата на ОБСЕ во Скопје ги поздравува и поддржува првичните чекори кои беа преземени минатата година во насока на проценка на напредокот на имплементацијата на Охридскиот рамковен договор и со нетрпение ја очекува следната фази“.
„Оваа заложба несомнено само ќе добие од поголемата вклученост на сите заедници. Се надеваме дека тоа ќе резултира со остварливи политики кои ќе бидат во насока на мултикултурниот дух на овој договор“, додаде Берец.
Ари ван дер Пас, Виш координатор за односи меѓу заедниците во Мисијата на ОБСЕ, рече: „Ние би сакале да ја повториме нашата целосна поддршка за спроведување на овој клучен процес кој оваа земја и луѓето кои живеат тука го започнаа пред 12 години. Ги повикуваме сите заедници да обезбедат здрава основа за неговата имплементација и во втората декада“.
Тој ја истакна важноста од подготвување на младите генерации за интегрирана иднина во мултиетничка Европа: „Ако децата научат за богатството кое го нуди различноста и научат меѓусебно да се почитуваат, придобивките од Охридскиот договор ќе бидат зацементирани“, рече тој, додавајќи дека Мисијата на ОБСЕ на Скопје со нетрпение очекува похрабри чекори во една од најзначајните области, образованието.