Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, Здружението за истражување, анализи и развој „Зелена лупа“, Советот за превенција од малолетничка деликвенција, Здруженето „Ластовица“, Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори, Здружението за истражување, комуникација и развој „Паблик“, Асоцијацијата за демократска иницијатива, Здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“, ХОПС, Младинскиот сојуз „Крушево“ и Здружението за медиумска писменост „Планет-М“, се 11-те добитници на мали грантови од КОВИД-фондот што го иницираше Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
КОВИД-фондот е наменет за најранливите и маргинализирани заедници, тежи вкупно 153,345 евра и ќе овозможи реализација на проектите на граѓанските организации во услови на пандемија.
Како што соопшти Мисијата, Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство ќе обезбеди поддршка и правно советување за жртвите на семејно насилство, „Зелена лупа“ ќе им обезбеди на затворениците информации поврзани со здравјето и лична заштитна опрема, Советот за превенција од малолетничка деликвенција ќе изработи публикација за безбедност на децата во дигиталниот свет, наменета за учителите и учителките во основните училишта, Здруженето „Ластовица“ ќе изработи центар за е-учење за деца и млади лица со попреченост, а Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори ќе развие интернет платформа за поддршка на децата со попреченост и нивните фамилии за време на пандемијата.
Здружението за истражување, комуникација и развој „Паблик“ ќе го издава уличното списание „Лице в лице“ на интернет, Асоцијацијата за демократска иницијатива ќе ангажира медиатори обучени од здравствени експерти, кои ќе им помогаат на луѓето во помалите и рурални заедници, како и на лицата со попреченост, да се справат со нивните здравствени потреби, Здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“ ќе ја едуцира ромската заедница како да добие пристап до основните образовни и здравствени услуги и ќе продолжи да ги едуцира учениците преку своите Центри за ран детски развој, ХОПС ќе работи на подобрување на менталното здравје и квалитетот на животот на децата и младите корисници на дроги преку советување и достава на хуманитарни пакети, Младинскиот сојуз „Крушево“ ќе развие дигитален простор за споделување на информации и поврзување и едуцирање на младите, за да можат подобро да се справат со социјалните и економските последици за време на пандемијата, додека Здружението за медиумска писменост „Планет-М“ ќе го организира својот годишен младински филмски фестивал преку дигитална платформа соодветна за пренос во реално време на филмови и друг видео матријал од информативен и образовен карактер.
-Им честитам на победниците и им се заблагодарувам на сите органзации што аплицираа. Пристигнаа преку 100 изненадувачко висококвалитетни апликации, што сметаме дека е показател за силното граѓанско општество во државата. Процесот за избор на победниците беше екстремно предизвикувачки и ригорозен, рече Џефри Голдстајн, вршител на должноста шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.