Во училиште или од дома, образованието мора да му биде достапно на секое дете. Со оглед на фактот што оваа учебна година наставата првпат ќе се одвива на нов начин, а за најголем дел од учениците преку учење од далечина, Народниот правобранител укажува сите чинители, секој од свој аспект, да ги преземат неопходните мерки за непречено одвивање на образовниот процес, велат од канцеларијата на Правобранителот.
Новиот начин на спроведување на образовниот процес, исто така, посочува народниот правобранител, бара помош и поддршка на семејствата за надминување на евентуалните проблеми кои би го попречувале редовното следење на наставниот процес.
– Од друга страна, надлежните, без исклучок треба да водат сметка дали направените адаптации во училиштето се соодветни и обезбедуваат заштита на децата од безбедносен и здравствен аспект. Народниот правобранител апелира, доколку има потреба од дополнителни мерки (ресурси) и прилагодувања со цел функционирање на образовните установи во вакви услови, редовно и благовремено да ги известат основачите, а локалните самоуправи, заедно со Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика да обезбедат максимална поддршка, затоа што за безбедно, непречено и квалитетно образование на децата не треба да се штеди, се вели во соопштението на народниот правобранител.
Народниот правобранител, исто така, потсетува да не се занемари фактот дека состојбата со коронавирусот се уште не е надмината. Тоа нѐ обврзува будно да се следи начинот на примена на мерките и протоколите, посебно заради заштита на најранливите групи – децата со попреченост и оние со здравствени проблеми.
– Следењето настава во училиште со почитување на епидемиолошките мерки несомнено од сите ќе бара трпеливост, поради што Народниот правобранител ги повикува родителите да ги следат упатствата на училиштето и да се почитуваат мерките и протоколите од страна на сите, а евентуалните проблеми да се решаваат во соработка со наставниците, односно со училиштето и другите субјекти одговорни за образовниот процес, се вели во соопштението.
Народниот правобранител на сите ученици, родители и наставници им посакува успешна учебна година, посебно на првачињата кои за првпат ќе го пречекорат училишниот праг, апелирајќи до семејствата, наставниците и сите други да помогнат учебната година да ја започнат во добро расположение, со чувство на безбедност и обезбедена поддршка за справување со новите предизвици, потсетувајќи, притоа дека институцијата Народен правобранител е секогаш достапна за заштита на нивните права.