Објавен тендерот за изградба на новиот Клинички центар во Скопје

Од:

Во официјалниот гласник на Европската унија е објавен тендерот за изградба на новиот Универзитетски Клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје, рече денеска на прес- конференција во Порта „Македонија“, вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров.

Ова, посочи Тодоров, е долго очекуван проект кој што претставува круна во низата инвестиции во здравството направени во минатиов период.

– Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ е најголем здравствен комплекс во Република Македонија, на површина од 17 хектари, кој се состои од 32 независни субјекти со вкупен персонал од 3.400 лица, од кои 2.300 лица медицински персонал и 1100 лица административен и технички персонал. Низ комплексот клиники на годишно ниво минуваат повеќе од 800.000 посетители, односно околу 2.200 посетители дневно, рече Тодоров.

Посочи дека годишно на клиниките се лекуваат околу 75.000 пациенти, со вкупно 450.000 болнички денови, а со просечна должина на престој од 6,1 ден. На дневна основа се пружаат околу 27.000 здравствени услуги за пациентите.

Со денешната објава на тендерската постапка, потенцира Тодоров, почнува рокот за подигнување на тендерска документација и доставување на понуди.

Нагласи дека отворањето на понудите е предвидено за 5 декември во 14 часот. Целата постапка се спроведува по процедурите на Банката на Советот на Европа, а со користење на обрасците на Светската банка, согласно потпишаниот и ратификуван договор.

– Согласно процедурите, како критериум за евалуација на пристигнатите понуди по барањето за доставување на понуди е најниска економски оправдана цена на понудата која ги задоволува минимумот на најзначајните пост-квалификациски услови, како и Специфично градежно искуство кое се докажува преку Учество како примарен изведувач (или лидер во заедничко вложување/ конзорциум со пропорција од најмалку 70 отсто од целосниот договор) во најмалку 3 успешно завршени договори во полето на изградба /реконструкција на болници и здравствени објекти и проекти од слична природа во земјите членки на ЕУ, земји членики на ЦЕВ И ОЕЦД , завршени во последните 10 години со кумулативна вредност од 100 милиони евра, рече Тодоров.

Појасни дека по спроведување на законските процедури ќе отпочнат градежните работи некаде во март 2017 година, кои е предвидено да завршат до крајот на 2021 година, односно рокот на изведба е 45 месеци, со гарантен рок од 12 месеци. Притоа, истакна, нема да се дозволи во ниеден момент да се загрози работата на клиниките во кампусот.

– Ќе се изврши и комплетно опремување на зградите со медицинска и немедицинска опрема и мебел. Инвестицијата за набавка на нова медицинска опрема е проценета на 13 милиони евра. Оваа инвестиција претставува круна во македонскиот здравствен систем. Поставуваме нов стандард за квалитетот на здравствените услуги во Македонија. Инвестицијата само за изградба чини околу 68 милиони евра, а целокупната инвестиција за модернизирање на кампусот е во вкупна вредност од 128 милиони евра, додаде Тодоров.

Би можело да ве интересира

Времено отстранети двајца доктори од Детска клиника, за кои се води дисциплинска постапка за смртта на 14-месечното бебе

Предраг Петровиќ

Укината забраната: лекарите од приватното ќе може да се вратат во јавното здравство

Катерина Ѓуровски

Зголемување над 60 проценти на болни од Ковид-19, регистрирани 271 случај минатата недела

Предраг Петровиќ

Демири го разреши директорот Шокаровски поради висока смртност на Кардиохирургија

Анита Петровска Рајковиќ

Вработените во здравството ќе протестираат на 8 април, нема да добијат усогласување со минималната плата

Протест на лекарите специјализанти, во тек состанок со претставници на Министерството за здравство