Вработен во МВР кој е дел тимот за обезбедување на претседателот Стево Пендаровски е инфициран со коронавирусот покажало тестирањето, а извести Кабинетот на шефот на државата. Оттаму велат дека обезбедувачот е дел од поширокиот тим на обезбедување, односно, дека немал директна комуникација со претседателот Пендаровски, а од минатата седмица, истиот користел годишен одмор. Инфицираниот обезбедувач, последен пат бил на работа пред седум дена.
„По спроведената епидемиолошка анкета, утврдено е дека е потребно да се тестираат дополнително 11 лица кои биле во контакт со лицето кое е позитивно. Сите 11 лица беа тестирани и се негативни на КОВИД-19, но и покрај тоа остануваат во самоизолација до 25 мај, до истекот на инкубација од 14 дена. По извршената епидемиолошка анализа, претседателот Пендаровски и членовите на неговото семејство се оценети како контакти од втора линија, за кои според епидемиолошкиот протокол не се препорачува изолација. Претседателот продолжува со извршување на редовните работни обврски“, посочуваат од Кабинетот на Пендаровски.
Оттаму додаваат дека преземени се сите активности за непречено функционирање на Кабинетот и посочуваат дека поголемиот дел од активностите се одржуваат на отворено.
„На средбите и настаните се одржува препорачаното физичко дистанцирање, се користи заштитна опрема како маски и ракавици, средства за дезинфекција, а редовно се чистат и дезинфицират просториите во „Вила Водно“, додаваат од Кабинетот на претседателот.