Во општина Центар, вчера, околу 12 часот стигна допис од Министерството за труд и социјална политика, во кое, наместо бараната согласност за продолжување на ангажираните 11 лица во новата градинка „Кочо Рацин“, согласно член 184 од Законот за заштита на деца, препорачуваат општината сама да се снајде и од сопствени приходи да ги ангажира лицата.
Општината досега многу пати се обидувала да не ги остави сами градинките и да ги финансира вработувања, но како по правило, кругот се затворал во Министерството за финансии, кое за општина Центар не даваше согласност.
Револтираните родители на близу 100-тина деца, кои ќе останеа незгрижени поради немањето одговор и слух од страна на двете министерства, сакаа преку протест да ги натераат да не си играат политички игри со нивните деца.
По информацијата дека се собираат родителите и вработените, Министерството за финансии експресно ја повика директорката на градинката, на истекот на работното време, да подигне допис со согласност за обезбедени финансиски средства за ангажирање на 11 лица за период до 31.12.2016 година.
И по овој случај, во кој за среќа, во последен момент, е избегнато најлошото и 100-на деца да останат на улица, градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски апелира до сите надлежни институции да не ги злоупотребуваат и да ги остават децата надвор од политиката, соопштуваат од Центар.