НВО Инфоцентар: Вестите на МРТ политички коректни, новинарството пасивно

Од:

„Во периодот 31 октомври – 11 ноември 2016, во централно информативната емисија Дневник 2 на првиот телевизиски канал на Македонската радиотелевизија (МРТ), доминираа: политичките настани и изборите; Специјалното јавно обвинителство (СЈО); сослушувањата на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, во Кривичниот суд и во СЈО, тужбата на судијата Иван Џолев против претседателот на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, судовите и судските процеси (Ахмети – Богоевски, Зоран Божиновски, Пуч, Диво Насеље, Детонатор); „сообраќајниот“ случај на дополнителниот заменик-министер Диме Спасов и Извештајот на Европската комисија за Македонија.

Економијата беше застапена, но во сенка на политичките настани. За економските теми се известува во средината на Дневникот, иако некои теми, како државниот и јавниот долг, беа најавени уште во почетната шпица на вестите. И во овој период, МРТ1 објавуваше информации и прилози за граѓански активности и иницијативи, бараше ставови и мислења за определени актуелни теми (на пример, за Извештајот на Европската комисија за Македонија) на стручни лица од граѓанскиот сектор, а информираше и за случувањата во Утрински весник.

Анализата на објавените материјали покажува дека во Дневникот 2 на МРТ1 и натаму преовладува фактографскиот, описен, неутрален и балансиран тон на известување. Иако, приодот на „политички коректно“ и непристрасно информирање претставува чекор напред за јавниот сервис, сепак, новинарството во МРТ1 не смее да се сведе само на пасивно пренесување изјави и ставови на официјалните лица, туку треба постапно да се надградува со поголем проактивен, истражувачки и аналитички ангажман на новинарите.

Во централните вести на МРТ1 главно се застапени гледиштата и ставовите на различните засегнати страни, а повремено се консултирани и стручни лица. За определени теми, повремено главните засегнати страни, или одбиваат да дадат изјави (на пример, Сашо Мијалков не сакаше да одговара на новинарски прашања ниту пред ниту по сослушувањата во судот и во СЈО) или, пак, имаат селективен однос спрема медиумите (заменик-министерот Спасов, за неговиот „сообраќаен“ случај, даде ексклузивно интервју само на една телевизија, ТВ Нова). Ваквиот однос на претставниците од власта најчесто се појавува кај теми за кои постои исклучително голем интерес во јавноста, а кои имаат негативно влијание врз нивната репутација меѓу граѓаните.

Од аспект на субјекти присутни во вестите, анализата покажува дека преовладуваат министрите и другите државни функционери и институции, како и политичките партии, главно претставени преку СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Партиите од „албанскиот“ политички  блок се малку застапени. Се забележува благ пораст на критичкото опсервирање на работата на државните и локалните институции, додека позитивните информации за нивната работа се сретнуваат главно во прилозите посветени на јавните настани што тие ги организираат и на кои самите државни функционери ги промовираат и ги фалат своите политики. Сепак, честото присуство на државните функционери во прилозите и нивниот обид да ја наметнат општествената агенда не смеат да продолжат и за време на изборната кампања, односно тие во никој случај не смеат да претставуваат дополнителна директна поддршка за кампањите на владејачките партии.

НВО Инфоцентарот, во рамки на својата програма за набљудување и анализа на медиумите во периодот октомври 2016 – февруари 2017 година, спроведува мониторинг на информативната програма на јавниот радиодифузен сервис. „МРТ во функција на граѓаните“ е проект кој има за цел да утврди дали и до кој степен Македонската радиотелевизија, во рамките на информативната програма на првиот програмски канал на македонски јазик – МРТ1, ја остварува својата законска обврска да биде јавен сервис на граѓаните“, се вели во соопштението на НВО Инфоцентарот.

Би можело да ве интересира

Ковачевски: Анкетите на МТВ нè потсетуваат како изгледаа медиумите до 2016 година

Македонија нема да има претставник на Евросонг во Малме

Орце Костов

Инцидент во зградата на МРТВ: Вработен во обезбедување нападнат од колега

Горан Наумовски

Македонската телевизија не се емитува во Бугарија, Ковачевски ќе бара одговор од МНР зошто

Катерина Ѓуровски

Програмскиот совет при МРТ и ЗНМ: На нетранспарентен начин се крати буџетот на МРТ

Ана Ололовска

Почина Слободан Трајковски, долгогодишен новинар и поранешен директор на МТВ

Ландов