„Првиот впечаток кој и се наметнува на македонската јавност по изборот на старо-новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ е дека криминалците и преварантите продолжуваат да ја раководат партијата во нови порази за Македонија. Старото и по злодела добро познато друштво веќе десетта година ја тероризира и уништува Македонија“, велат од НСДП.
„Со оставките на Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески и Сашо Мијалков на политичките функции, само се подгреа надежта кај загрижените граѓани дека таа криминална структура ќе може да се растури. Но докажаниот деспот Никола Груевски, вклучувајќи ги повторно во највисокото раководство на ВМРО-ДПМНЕ, само дрско покажа дека нема намера ниту нив да ги менува, ниту тој да се менува, ниту пак политиката на својата партија да ја менува. Неговото мото е „тимот кој со години ја ограбува Македонија и нејзините граѓани да не се менува“. Покрај нив и со нив, тој е најсигурен бидејќи поседува исти „квалитети“ и особини. Менталитетот на неговите најблиски соработници е граден на база на послушништво и чувство на немоќ самите нешто да направат, единствено доколку се под негова заштита ќе можат да преживеат. И затоа само преку криминално заедништво во највисоките партиски органи продолжат да се бранат и борат до последната капка туѓа крв.
Задачата на опозицијата во овој момент е посериозна, но и предизвикот е многу поголем – овој тим на криминалци и преваранти да се разобличи и на избори да се порази“, се вели во соопштението на НСДП.