Националниот Ромски Центар (НРЦ) ќе побара од Министерството за здравство повторно иницирање на образование за акушерки.
Тоа, како што беше истакнато на денешната прес-конференција, е содржано во документ за јавни политики во кој се презентирани препораки, предности и недостатоци во гинеколошко-акушерската дејност кои ќе бидат испратени на надлежни институции во Македонија.
Документот е подготвен во рамки на едногодишниот проект за здравство „Унапредување на достапноста до здравствената заштита на жените Ромки-Рана Превенција-спасува животи“ и ги дава проценките на состојбите за оваа дејност преку истражувањето на проблематиката во Куманово,Кочани и Скопје.
– Документот за јавни политики дава препораки како да се подобри гинеколошко-акушерската дејност како што е донесување Закон за медицински сестри и акушерки ,формирање тело кое ќе функционира како регулаторно, воведување регулација која ќе се активира во случај на немил настан, донесување законска регулација на професијата, формирање силна професионална асоцијација, креирање достапен регистар на димпломирани акушерки, да се организираат дополнителен број обуки за гинеколози, да се усогласат курикулумите на медицински сестри и акушерки на ниво на државата, да се зголеми процентот на практична настава во соодветни институции со цел да се добијат квалитетни кадри, изјави Себихана Скендеровска, коориднатор на проект.
Таа објасни дека истражувањето покажало дека треба да се зајакне улогата на акушреките на антенаталната грижа, како и во превенција и справување со итни состојби, повторно да се воведе акушерска насока во средните медицински училишта, матичните гинеколози да вработат медицинска сестра со завршена насока акушерство. Од НРЦ велат дека е потребно да се преземат чекори и да се реши проблемот со како што велат недостигот на гинеколози во јавно здравствените установи, да се направи прецизен систем на работни места во здравствените установи кои даваат услуги во делот на антенаталната заштита на сите нивоа.
Апелираше ова да се спроведе за да се подобрат услугите за сите кои имаат потреба.