Новото раководство на Лекарската комора најави новини во работењето

Од:

Приоритет ни се докторите, а тоа значи дека и пациентите ни се подеднакво важни, изјави денеска новоизбраниот претседател на Лекарската комора на Македонија, Калина Гривчева – Старделова.

Таа најави промени во статутот на работата на Лекарската комора и интензивирање на Законот за докторска дејност кој, како што нагласи, треба да се спроведе во Собранието и што побрзо да се донесе.

Посочи дека ќе го дооформат тимот кој ќе работи натаму на сите инстанци на Лекарската комора, потоа ќе направат финансиска ревизија на тоа што и како е сработено досега, за на нивните колеги од Собрание да им презентираат што се случувало досега, што ќе се случува од сега.

– Како Лекарска комора ќе инсистираме на редовна интензивна соработка со Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување, затоа што она што досега ни сметало на лекарската фела е дека треба да се направат промени и во Законот за здравствена заштита и во Законот за образование. Ние тука мораме да земеме активно учество, односно докторската фела мора да земе активно учество, затоа што ние сме тие што ја пружаме таа услуга, а пациентите се тие што се на крај задоволни и незадоволни, а и ние сме нечии пациенти, истакна Гривчева – Старделова.

Додаде дека ова им е прв работен ден и почнуваат транспарентно да ја формираат целокупната нова структура на Лекарската комора.

Заменик-претседателот на Лекарската комора, Илбер Бесими рече дека една од нивните цели во раководењето е да се спречи одливот на млади доктори од државата и за таа цел сакаат во најбрз можен рок да се усвои Законот за докторска дејност со измените во Законот за високо образование и во делот на специјализации.

– Тука се предвидени сите други подзаконски акти и начини на плаќање на доктори со што би направиле добра основа младите доктори да започнат со работа и да си ја вршат здравствената дејност во државата, рече Бесими.

Посочи дека електронскиот систем „МојТермин“ треба да претрпи измени, како и секој друг систем да еволуира и да се подобри првенствено во насока на подобрување на давање на здравствена услуга кон пациентите и на зачувувањето на достоинството на лекарите.

– Како став кој ние го протежираме од оваа позиција на новоизбрани раководители на Лекарската комора, е дека плаќањето по учинок треба да се укине целосно, рече Бесими.

Одговарајќи на новинарско прашање околу зголемувањето на просечната плата, тој истакна дека предлагаат едно многу солидно и добро издржано решение кое се надева дека многу брзо ќе биде прифатено од здравствените власти.

– Во принцип во Предлог-законот се планира платата на докторот како основа да ја земе просечната плата и да ги избегнеме сегашните ситуации кога платата на еден млад доктор е помала од платата на една медицинска сестра. Наш предлог е најмалата основна плата на доктор почетник да биде во висина од две просечни плати, додаде Бесими.

Одговарајќи на новинарско прашање Гривчева – Старделова рече дека се што има во архивата, она што им е оставено да го сработат, било да се работи за пријава од доктор, пријава од пациент, многу внимателно ќе го разгледаат во рамките на нивните ингеренции според актуелните закони.

Би можело да ве интересира

Укината забраната: лекарите од приватното ќе може да се вратат во јавното здравство

Катерина Ѓуровски

Зголемување над 60 проценти на болни од Ковид-19, регистрирани 271 случај минатата недела

Предраг Петровиќ

Демири го разреши директорот Шокаровски поради висока смртност на Кардиохирургија

Анита Петровска Рајковиќ

Вработените во здравството ќе протестираат на 8 април, нема да добијат усогласување со минималната плата

Протест на лекарите специјализанти, во тек состанок со претставници на Министерството за здравство

Синдикати бараат новиот министер за здравство да ги потпише анексите усвоени од Влада