Ново училиште за 200 ученици во село Гургурница

Од:

Околу 200 ученици во село Гургурница, Општина Брвеница добија ново училиште преку Проектот за подобрување на општински услуги (МСИП) на Министерството за финансии, кој се реализира со поддршка на Светска банка и Европската Унија.

Министерот за финансии Драган Тевдовски, шефот на Делегацијата на ЕУ Самуел Жбогар и претставникот на Светска банка Беким Имери денеска го посетија основното училиште „Гоце Делчев“ во Гургурница. Беа придружувани од министерот за образование и наука Арбер Адеми, заменик министерот за финансии Ширет Елези и градоначалникот на Општина Брвеница, Енвер Пајазити.

Новото училиште е во вредност од 46 милиони денари. Преку проектот МСИП, како што соопштуваат од Министерството за финансии, се обезбедени 45,5 милиони денари, од кои 16 милиони денари се грант средства од ЕУ преку ИПА фондовите, а останатите се заем по исклучително поволни услови – каматна стапка од каматна стапка од 0,4 отсто со 13 години отплата и три години грејс период.

– Квалитетното образование е еден од основните предуслови за побрз и одржлив економски развој. За да се овозможи тоа потребни се и соодветни услови за учениците и за наставниот кадар. Ова училиште што е изградено со финансиска поддршка од ЕУ и Светска банка најдобро ги отсликува нашите заложби како Влада и во овој сегмент да ги достигнеме европските стандарди. Со тоа да овозможиме учениците да се подготват за наредните фази на своето образование и да ја одберат својата професија, рече министерот Тевдовски.

Евроамбасадорот Жбогар посочи дека со изградбата на новото училиште значително се подобрени условите за настава за децата од Гургурница.

-Овој проект можеби е мал, но е од големо значење за учениците од Гургурница. Сега тие имаат училиште каде кровот не прокиснува, ѕидовите не се студени за време на суровите планински зими, а тоалетите не се надвор од училиштето. На децата им е потребен соодветен простор каде ќе ги поминуваат школските денови и ќе го развијат својот потенцијал и самодоверба, рече евроамбасадорот Жбогар.

Претставникот на Светска банка, Беким Имери нагласи дека подобрувањето на училишната инфраструктура и на капацитетите на општините за обезбедување на квалитетна средина за учење ќе помогне во подобрувањето на образовните резултати, што пак долгорочно ќе влијае на подобрувањето на човечкиот капитал во земјата.

Вкупната корисна површина на училиштето изнесува околу 840 метри квадратни, а покрај училниците и лабораторијата има и административни и придружни простории, како и санитарни јазли. Објектот е дизајниран врз основа на принципите за енергетска ефикасност и ги задоволува современите барања за работа: просториите се природно вентилирани и осветлени преку прозори, скалите, односно комуникативниот простор се исто така природно вентилирани и осветлени преку прозори.

Проектот МСИП им овозможува на општините во земјава да обезбедат поволни финансиски средства за капитални и инфраструктурни инвестиции. Проектот е финансиран со заеми од Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка и грант од Европската Унија кој се администрира од страна на Светска банка.

Како што посочуваат од Министерството за финансии, вкупниот фонд на Проектот изнесува 81,1 милион евра и со него досега се поддржани капитални општински проекти како водоснабдување, канализација и одведување на отпадни води, енергетска ефикасност (улично осветлување, изолација на општински објекти и сл.), локална патна инфраструктура (модернизација и реконструкција на улици и патишта), комунални услуги (набавка на возила за јавните комунални претпријатија) како и други општински услуги и надлежности (изградба на детски градинки, зелени пазари, инфраструктура во индустриска зона и сл.).

Би можело да ве интересира

Бесими: Нема замрзнување на платите, работиме на системско и одржливо решение за раст на платите во јавниот сектор

Горан Наумовски

Бесими: Целосна интеграција во ЕУ значи реформи, решавање предизвици и долгорочна стабилност во регионот

Горан Наумовски

Бесими: Нема експропријација на дивоградби, законски измени заради забрзана динамика и пониски трошоци за реализација на проектите

Ана Ололовска

МФ: Интересот за еврообврзницата поголем за половина милијарда евра од претходната аукција

Ана Ололовска

ССМ најави кривична пријава против министерот за финансии Фатмир Бесими

Ана Ололовска

Најава за генерален штрајк од Синдикат на вработените во Министерството за финансии

Ана Ололовска