Ново амбулантно возило за итен неонатален и педијатриски транспорт со медицинска опрема од денеска е во функција на Универзитетската клиника за детски болести во Скопје.
– Ова возило чини околу 8 милиони денари и претставува сериозна инвестиција во македонското здравство. Возилото има опрема која досега сме ја немале во амбулантните возила во државата и е специјализирано за ваков вид транспорт, изјави министерот за здравство Никола Тодоров по промоцијата на возилото.
Тој објасни дека со ова возило ќе може да се пренесуваат децата од внатрешноста на Македонија во Скопје, но и од Скопје во други центри кога лекувањето треба да се одвива во странство.
– Ова возило претставува подвижна болница и ќе придонесе за сериозно подобрувањето на нивото на квалитет на здравствени услуги и за спасување на детските животи. Во возилото има подвижен инкубатор со респиратор, нешто што досега го немаше во здравствениот систем во Македонија, рече Тодоров.
Аспазија Софијанова, директор на Клиниката за детски болести информира дека со добивањето на ова амбулантско возило ќе се овозможи брзо и адекватно да се стигне до секој дел од нашата држава, каде што ќе треба да се спаси детски живот. Објасни дека со возилото ќе може да се пристапи, да се земе детето, а онаму каде што е критично ќе може веднаш да се интервенира.
– Со нас ја носиме целата Детска клиника, што значи цела интензивна во едно возило, како и лекар и сестра обучени за тоа. Секаде низ Македонија ќе можеме да пристигнеме и да го спасиме детето, да помогнеме да го спасиме новороденчето и да го донесеме безбедно, со сите можни начини на вештачко спасување кои постојат во ова возило, потенцира Софијанова.
Таа појасни дека идејата на Универзитетската клиника за детски болести во Скопје е да стане регионален центар.