Новите имиња на струшките улици, сепак на седницата во септември

Од:

Градските власти во Струга остануваат на ставот дека промената на сегашните имиња на струшките улици треба да се случи во септември. На последната координација на крајот од јули од страна на ДУИ бил ставен предлогот најголем дел од улиците во градот да бидат означени со бројки, додека главните улици во централното градско подрачје да носат имиња кои ќе бидат прифатливи за сите заедници кои живеат во Струга.

Било понудено мостовите и плоштадите во градот да бидат именувани според географски одредници. На таа координација предлогот не бил прифатен од ВМРО-ДПМНЕ под образложение дека е потребна дополнителна координација и дека е невозможно ова прашање да се отвара на само шест месеци до локалните избори. Од тогаш до денеска не се одржала повторна координација

„Градоначалникот на Општина Струга мора да знае дека согласно законот не може да се определи име на улица, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект со кое се нарушува угледот на Република Македонија, се навредуваат националните чувства на граѓаните на Република Македонија и на граѓаните на други држави, како и се нарушуваат односите меѓу заедниците, обичаите и јавниот морал“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од таму велат дека ќе го искористат правото во Советот на општина Струга, кое им го дава законот за определување на имиња на улици ,плоштади и други објекти и нема да дозволат да се нарушуваат чувствата на граѓаните на Струга.

Во законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти стои:

„Определување име на улица, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект на подрачјето на општината се врши со одлука донесена од советот на општината. Одлуката се усвојува со мнозинство гласови од присутните членови на Советот на општината, при што мора да има мнозинство гласови од присутните членови на Советот кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во општината“, велат од ВМРО-ДПМНЕ Струга.

Мики Трајковски

Би можело да ве интересира

Бунтот се шири во Струга, фактури од ЗАМП доаѓаат за ист апартман до повеќе членови на семејство

Мајка од струшко село осомничена за „запуштање и малтретирање дете“

Градоначалникот Ќира се прогласи за ненадлежен за криминалот со плажите во Струга

Предраг Петровиќ

Стружанец се самоповреди со харпун додека ловеше риби во Охридското Езеро

А1он

Два армиски хеликоптери го гаснат пожарот на планината Јабланица

Предраг Петровиќ

Водата во Струга не е исправна за пиење