Новинарот Томислав Кежаровски од денеска започнува штрајк со глад, за да го сврти вниманието на јавноста и да изврши притисок, судот да не го одолговлекува одлучувањето за неговиот притвор..
Новинарот на Нова Македонија веќе два месеци е во притвор поради наводно објавување на име на заштитен сведок.
Целиот случај ќе го следи Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Новинарскиот синдикат е загрижен поради најавата дека Кежаровски ќе започне штрајк со глад, но сепак застанува позади него.
„Застануваме позади неговата одлука. Македонија ќе стане земја во која се затвараат новинари и штрајкуваат со глад“, вели претседателот на синдикатот Тамара Чаусидис.
Имотот на притворениот Томислав Кежаровски е понуден како гаранција за да го ослободат од притвор и да добие можност да се брани од слобода.
Од судот нема одговор.
Кежаровски, во неговиот дом, помпезно со камери беше уапсен во акцијата „Ликвидација“. Се товари дека противзаконски го открил идентитетот на заштитениот сведок за текст од 2008 година за случајот за нарачаното убиство во селото Ореше.
Тој подоцна јавно призна дека бил „заштитен“ , но бил сведок под притисок на полицијата и оти всушност тој на тоа се согласил затоа што во моментот бил на издржување на затворска казна.