Со предлог за нов член во Законот за здравствена заштита наречен како „Членот на Тамара“, денеска од Младинскиот парк , граѓани од Велес, уште еднаш му порачаа на министерот за здравство Никола Тодоров да си замине од функцијата.
Тоа, како што рекоа, го бараат за никогаш повеќе да не се повтори лошата приказна во која поради оддолжување на постапката за операција на детето во странство, тоа почина, објави дума.мк.
„Се надевам дека оваа иницијатива за посебен член во Законот за здравство ќе биде поддржана и со тој член ќе се заштитат сите понатамошни случаи на деца кои што заболеле од ретки болести или кои што имаат сериозни и итни проблеми и кои мора да им се решат. Така Тамара ќе остане да живее освен во нашите срца и во нашите закони и според тие и според тој член ќе ги спасиме сите идни деца. Ќе се заштитат така како што налага и Хипократовата заклетва која ја прекршија сите веќе прозвани,“ рече новинарот и водител Огнен Јаневски.
Тој со уште неколкумина свои колеги и естрадни уметници беа меѓу првите кои што формираа организационен одбор и организираа хуманитарен концерт на кој велешани донираа пари за помош на Тамара. Но парите, како што рече Јаневски пред присутните велешани, не се искористија за Тамара поради ветувањето на министерот Тодоров дека државата ќе ја плати операцијата на Тамара па ги донираа на друго дете.
„Случајот на деветгодишната Тамара ни ги отвара очите за сите проблеми во здравството, за сите пресечени црвени ленти кои од ленти се претворија во црвени картони и за се она за кое што страдаме и се губиме низ лавиринтите на здравствениот систем кој го направија бирократија, административни трошоци а не направија едно парче хартија кое според Хипократовата заклетва треба да ги обврзува да се грижат за она за што реално служи здравството, а тоа е пред се и над се пациентот. Тамара почина поради бирократските процедури. И се влоши здравјето кога и беше дадено последното конзилијарно мислење и мораше итно да се оперира, бидејќи во спротивно ќе и страда респираторниот систем од белодробни заболувања како што впрочем беше и бронхопневмонијата.
Мислењето од обдукцискиот наод го злоупотребија медиумски кажувајки дека веројатно родителите биле виновни кои што не ја носеле Тамара на лекар затоа што имала бронхопневмонија и не ја лекувале од тоа, а никој не кажа дека во обдукцискиот наод стои дека тоа е примарната причина за смртта но, секундарната е поради искривувањето на р`бетот. Многу е логично да сфатите дека кога р`бетот ќе се искриви тој притиска на белите дробови. Тамара почина оти ја оставија четири месеци тоа притискање на р`бетот врз белите дробови да и го уништи и запре работењето на срцето“, рече Јаневски.
Присутните граѓани му дадоа црвен картон и уште еднаш побараа оставка од министерот за здравство Никола Тодоров.
„Министре Тодоров ќе мораш да дадеш оставка. Не е политика само тоа што ти зборуваш, не е политика само тоа што вие работите, политика сме сите ние, рече еден од организаторите на протестот Димче Велев.
Организаторите најавија дека ќе продолжат со протести на кои ќе бараат оставка од министерот за здравство.
Фото: Дума.мк