Новинарите одговорија на нападите од Кривичниот суд

Од:

Со должно внимание ја прочитавме вашата реакција по протестот за ослободување од притвор на новинарот Кежаровски, организиран пред Основен суд 1.

Зачудени сме што, наместо на јавноста и на граѓаните да им дадете објаснување зошто навистина новинарот Кежаровски толку долго е во притвор, вие се обидувате да ги дискредитирате и иницијативниот одбор и новинарската професија во целина.

Дозволете да ве потсетиме на следниве факти: Основна улога на новинарите е критички да ја следат работата на секоја власт, вклучувајќи ја и судската, сѐ со цел јавноста и граѓаните да бидат информирани за тоа како се извршува правдата и дали се почитуваат основните човекови права и слободи. Правото на правично судење гарантирано со членот 6 на Европската конвенција за човекови права, меѓу другото, подразбира и отвореност на судот и јавност на постапките.

Нашиот протест е организиран токму поради нетранспарентноста на судот во постапката против Кежаровски и, оттаму, не може да се нарекува „притисок врз судството“. Вашиот таканаречен притисок врз македонското судство деновиве не го прави иницијативниот одбор, туку ОБСЕ, делегацијата на ЕУ во Македонија, Меѓународната федерација на новинари, медиумските асоцијации од Европа, здруженијата на новинарите од регионот, ИФЕКС, „Репортери без граници“, Мрежата на медиумски организации на Југоисточна Европа, СЕМО…

Доколку овие апели и барања не се стигнати до Основниот суд 1 преку медиумскиот простор што и тие го „злоупотребуваат“ со вакви изјави стоиме на располагање во секое време да ги доставиме до судот. Нѐ загрижува леснотијата на вашиот искажан став, според кој постојат „таканаречени форми на слобода на изразување“ со кои ние го изразуваме „незадоволството од очекуваниот тек на постапката, па со оваа цел, преку различни ’иницијативни одбори’ и други интересни групи, со организирање протести пред судот, ставајќи се над законот и Уставот на Република Македонија“.

Слободата на изразување нема таканаречени форми и таа е една и единствена и е заштитена со Уставот на РМ (член 16) и со членот 10 од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП). Во оваа пригода ќе ви цитираме дел од ставот 1 од членот 10: „Секој има право на слобода на изразување. Ова право ја вклучува и слободата на свои мислења и на примање и испраќање информации и идеи без попречување од страна на некој јавен орган и без оглед на границите“. Дополнително сме зачудени од вашето заборавање на Уставот на РМ и на членот 21, кој вели дека „граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола“.

Доколку навистина со нашите јавни изречени ставови и со нашето уставно загарантирано право на протести, како што се наведува во соопштението на судот, „се прави упад во независното функционирање на судскиот систем и примена на законите, се загрозуваат правниот поредок и правната еднаквост на граѓаните“, тогаш како граѓани на Македонија сме длабоко загрижени за кревкоста на судскиот систем. Ако со свирчиња новинарите направиле упад во независноста на судот, тогаш што прават политичките елити и другите центри на моќ со нивните инструменти за притисок врз судството?!

Не сакаме да веруваме дека судот намерно ја дезинформира јавноста кога во соопштението наведува дека со „постојаните притисоци на таканаречениот иницијативен одбор“ „обвинетиот новинар се става во привилегирана позиција во однос на преостанатите обвинети“, па дури дека и „на овој начин се злоупотребува позицијата новинар за да се прикаже во јавноста дека во Република Македонија се ускратуваат правата на слобода на изразување“. За медиумите и новинарите, но пред сѐ, за целокупната јавност во Македонија, исклучително е важно судот да покаже дека го уважува, го признава и го поддржува слободното новинарство и го смета како нужна неопходност, која ги штити јавниот интерес, плурализмот и демократијата во нашата држава.

Ве поздравуваме со членот 16 од Уставот на Република Македонија: Се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање институции за јавно информирање.

Се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување информации. Се гарантира правото на одговор во средствата за јавно информирање. Се гарантира правото на исправка во средствата за јавно информирање. Се гарантира правото на заштита на изворот на информацијата во средствата за јавно информирање. Цензурата е забранета.

Иницијативен одбор за ослободување на Кежаровски 26 јули 2013 година, Скопје

Би можело да ве интересира

На Кежаровски нема да му се суди во „Ликвидација“

Васко Маглешов

Кежо на роденденот повторно на обвинителна клупа за „Ликвидација“

Васко Маглешов

Кежаровски најави нова книга, продолжение на „Живот во кутија“

Ана Ололовска

ФОТО: Домот на Томислав Кежаровски ограбен за новогодишната ноќ

Ана Ололовска

„Живот во кутија“ – прва книга на новинарот Томислав Кежаровски

Ана Ололовска

Кежаровски: Владимир Талески сега не може да избега или да влијае на сведоци?

Емир Латифовиќ