Разговори во кои се слуша соговорник со мутиран глас и Зоран Заев се објавени на нов јутуб канал, именуван како „Мијацко Силезе“. Објавени се две снимки, именувани како „Зоран Заев се договарал со Сашо Мијалков“ и „Заев знаел дека Шилегов правел криминал во второстепена комисија за јавни набавки“.
Во првата снимка соговорник со мутиран глас му вели на Заев дека Сашо е спремен за договор, по што добива одговор дека тој веќе се гледал со него. Понатаму, се зборува и за решенија кои Заев бара да се издадат од Финансиската полиција за завршена истрага во Општина Струмица, тврдејќи дека се е регуларно и според закон.
На почетокот, соговорникот со мутиран глас вели: „Сашо е спремен значи, спремен е на договор, Сашо“, по што, Заев вели: „Јас преговарав со Сашо бе, зошто? Со Сашо кога се гледавме“. Соговорникот продолжува: „Еве јас ако ти ветам дека ќе …м?“, по што се слуша Заев: „Нека пушти решение бе, финансовата инспекција, приватно, мислам писмено решение. Писмено. Дека во Општина Струмица прекинуваат сите постапки на контрола и не е пронајдено ништо“, а соговорникот со мутиран глас вели: „Добро, чекај да запишам. Значи да се пушти решение до Општина Струмица, од која институција, кои сектори?“, на што Заев одговара: „Финансова полиција, дека ги прекинуваат сите постапки на контрола на Општина Струмица“, а соговорникот продолжува: „Дека ги прекинуваат сите постапки на контрола врз Општината Струмица и дека се е регуларно“. По ова, Заев вели: Се е регуларно, се е согласно законот. Еве за што ти викам, нека повлечат се, они ме принудуваат на такви работи. Значи не да заврши да не доаѓаат, решение дека е завршено. Океј, нема проблем. Нема да го подготвам пакетот, да тепам. Во тој правец и нема проблем. Нека повлечат се со решение“, а соговорникот вели: „Добро“…
Во вториот разговор, објавен на истиот канал, се споменува скопскиот градоначалник Петре Шилегов, за кого Заев вели дека директно мавал по власта.
На почетокот Заев вели: „Шилегов и Оливер излегле директно мавајќи против власта. Не знам во политиката што повеќе да очекувам“, а соговорникот со мутиран глас прашува: „Шилегов?“, по што Заев одговара: „Па маваше“, а соговорникот додава: „Второстепена комисија. Дрпај пари и уживај. Капата на криво и свиркај си“. Заев вели: „Нема околу тоа, да, јасно ми е. Што бил, како правел, океј е“.
Непознато е кој ги објавува разговорите на мрежата „Јутуб“. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, соопшти дека неговата партија веќе поднела кривични пријави за разговорите кои се објавуваат во предизборието. Пријавите се за незаконско прислушкување, односно, незаконско снимање.