Собранието на Република Македонија денеска во рамки на 51. седница ја изгласа одлуката за испраќање припадници на Армијата на Република Македонија за учество во мировна операција во Авганистан во состав на меѓународните сили за безбедносна поддршка на Авганистан – ИСАФ.
Заменикот министер за одбрана, Емил Димитриев во образложението нагласи дека учеството во рамки на НАТО предводената мисија ИСАФ во Авганистан беше прв придонес на Република Македонија кон мирот и стабилноста надвор од нејзините граници.
Придонесот кој започна во август 2002 година со симболично испраќање на двајца офицери во рамки на турскиот контингент, нагласи, постепено еволуираше во ротација на досега 2.122 македонски мировници и во национален придонес кој денеска е еден од најголемите по глава на жител во Авганистан. Од 2002 година досега, Република Македонија има извршено 23 ротации во мисијата ИСАФ во Авганистан со учество на 2122 мировници.
Ова, рече Димитриев, е 24 ротација на македонски припадници во мисијата ИСАФ во Авганистан која брои вкупно 157 припадници на Армијата на Република Македонија. Се работи за една механизирана пешадиска чета во состав од 150 припадници на АРМ за обезбедување на командата на ИСАФ, двајца штабни офицери во командите на ИСАФ и, пет припадници на АРМ во состав на наменските сили за партнерство и советување (НСПС) за поддршка на третата бригада од 209-от корпус на Авганистанската национална армија.
Република Македонија ќе учествува во мисијата ИСАФ се до нејзиното завршување во 2014 година според определената динамика од НАТО. Учеството по 2014 година ќе се одвива во облик кој ќе биде дополнително определен од страна на државното раководство и НАТО.
За член на судскиот совет Собранието го избра го избра Беким Реџепи.
На дневен ред на оваа седница се и Предлог на законот за задолжување на Република Македонија со заем кај Дојче Банка по Договорот за заем обезбеден со гаранција заснована на политики од Меѓународната банка за обнова и развој – Светска Банка, измените на Царинскиот закон и на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, сите по скратена постапка. За нив ќе се расправа, како што наведе претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, штом се создадат деловнички услови за тоа односно на продолжението во 15 часот.
Собранието продолжи да работи по точките на дневен ред по 47. седница. Пратениците треба да се изјаснат за Предлог на законот за задолжување на Република Македонија кај Меѓународната банка за обнова и развој-Светската банка по Договорот за заем за Прв програмски заем за развојни политики за конкурентност, Предлог на закон за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2013 година, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за буџетите, трите по скратена постапка.
Пратениците треба да се изјаснат за дополнувањето на Законот за матичната евиденција, за измените на Законот за постапување по претставки и предлози, за Предлог на закон за продажба и давање под закуп на деловните згради и деловните простории на Република Македонија, Предлог на закон за автокампови, за измените и дополнувањата на Законот за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај, на Законот за превоз во патниот сообраќај, на Законот за агенциите за привремени вработувања, на Законот за работните односи, на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, на Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување, на Изборниот законик, сите во прво читање. Поднесувачи на измените и дополнувањата на Изборниот законик се пратениците од опозициските партии.
На дневен ред на оваа седница се Предлог на закон за дополнување на Кривичниот законик, и предлог на закон за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатијата со општествена и државна сопственост. Двата закони се во прво читање, а поднесени се од опозициските пратеници.