Нова драма на „Езеро Треска“: Му ја украле приколката, ја нашол оставена на патот за Бојане

Од:

Цели камп-приколки почнало да им снемува на камперите во Спортско–рекреативниот центар „Езеро Треска“, откако Општина Сарај најави расчистување на теренот и уривање на објектите околу езерото, а на камперите им даде рок до крајот на февруари сами да си ги тргнат приколките.

Сабит Исмаиловски, еден од камперите со помал стаж, за „А1он“ вели дека се шокирал кога соседите од кампот му јавиле дека му ја нема приколката. Ја нашол денес, исто така со помош на соседите кампери, но не на „Треска“ туку на патот кон селото Бојане.

Камп – приколката ја нашoл без гуми, на патот кон Бојане, неколку километри од „Езеро Треска“

„Во неделата бевме на состанок, сите кампери и приколката беше таму. Вчера соседите ми јавија дека ја нема. Веднаш отидов. Приколката ја немаше, ја извлекле. Ја исекле мрежата што ја имав поставено, а ги искршиле и столбовите. Се чудев што се случило, дали Оптштината ја кренала или пак некој ја украл. Пријавив во полицијата во Сарај. Ептен ми беше мака оти не стигнавме да и се израдуваме на приколката. Кампер сум само последниве две години. Но маката беше до денес, во камперската група еден од соседите пушти слика и јас ја препознав мојата камп–приколка. Била оставена покрај патот кон селото Бојане, неколку километри од ’Треска’. Ја отвориле, фалат некои работи од внатре, а фалат и гумите. Ја најдовме без гуми. Сега чекам да дојде полиција за да можам да си ја земам“, вели камперот Исмаиловски и нагласува дека имал среќа, оти на сосед кој бил кампер 30 години, му украле две приколки од кои нема трага.

Приколката вели дека ќе ја врати на „Треска“ со сиот ризик од нова кражба. Тој, исто како и останатите кампери не отстапуваат од ставот дека „Треска“ треба да остане на сите граѓани. Нема да си заминат и бараат и во новиот план за уредување на комплексот да се предвиди дел за нив.

Камп – приколката до неделата била на „Треска“

„Ако имаа план да не иселат, зошто тогаш на 29.11.2020 ми наплатија 12.300 денари закупнина за оваа година?! Ни ги зедоа парите за да не избркаат, но нема да го дозволиме тоа“, вели камперот Исмаиловски.

Камперите најавија институционална борба за „Треска“ за што ангажирале адвокат и формирале Здружение на граѓани. Најавија дека ќе почнат да собираат потписи за „Треска“ да остане јавно добро, а не ја исклучуваат и можноста да организираат протест и да ги донесат приколките пред Влада доколку не им се одговори на барањата.

МВР најави детали за кражбата на приколките на „Треска“ за утре.

Пред две недели, кога почна уривањето на дотрајаните објекти на „Треска“, „А1он“ објави дека додека на една страна се урива, на друга страна се краде се што може да биде исечено и откорнато.  Во комбиња без ознаки и без регистрации се товараа столбови од канделабри и алуминиумски делови од објектите, а камперите сведочат дека пљачкањето на комплексот продолжило.

„Хаос е овде. Влегува кој стигне. Во групи по двајца-тројца влегуваат, кршат, сечат, други товараат. Ги кршат и нашите приколки, а полицијата ништо не презема, како да се глуви и слепи“, вели еден од камперите за „А1он“.

Во комбиња без ознаки и без регистрации се товараа столбови од канделабри и алуминиумски делови од објектите, а камперите сведочат дека пљачкањето на комплексот продолжило

За да си ги заштитат приколките се организираат во смени за постојано да има некој во кампот.

Градоначалникот на Општина Сарај, Блерим Беџети, минатата недела го покажа планот за уредување на просторот во близина и околу „Треска“ кој предвидува изградба на хотелски комплекс со базени, аква–парк, ресторани, затворени базени, а во делот кон Глумово и Шишево предвидени се викенд – куќи, трговски центар, пазар и уште еден хотелски комплекс. Градоначалникот Беџети вели дека со донесување на планот завршиле неговите обврски и објасни дека за неговата реализација е надлежна Владата која целиот дел планира да го прогласи за туристичка развојна зона и да го продава земјиштето.

Би можело да ве интересира

Се истепале двајца вработени во основно училиште во Сарај

Отворен пункт за лични документи во Сарај

Насилници со метални предмети истепале малолетници кои биле на екскурзија во Сарај

Горан Наумовски

Пронајдено детето што беше пријавено за исчезнато во Сарај

А1он

Инцидент во Сарај: Маж со пиштол пукал кон познаник

Мотоцикл удрил во дете од селото Љубин, сопственикот тврди дека самото се удрило

А1он