Нов обвинителен предлог е поднесен против охридскиот бизнисмен и висок претставник на ДУИ, Нефи Усеини. По две години истрага, обвинителот Воислав Димоски го гони Усеини за претепувањето на советникот во Општина Охрид, Џемал Мена, во време, кога двајцата ја извршуваа оваа функција. Обвинителството бара од судот, Усеини да биде прогласен за виновен дека сторил кривично дело спречување службено лице во вршење службено дејствие. Истиот е прифатен, а првото рочиште ќе се одржи на 1 јули.
Ова е втор предмет за физичко насилство кој е во судска постапка против Усеини, а четири предмети за други дела се водат во Обвинителството. Обвинителниот предлог против Усеини е напишан на две страници. Во него е опишано, како во јуни 2019 година, Усеини, незадоволен од тоа како сакал да гласа неговиот тогашен колега Џемал Мена за точка на дневен ред, го натепал пред останатите советници во Општина Охрид. Во него се наведени сите повреди кои му биле нанесени на Мена.
„На 10.06.2019 година во 14.00 часот во Охрид, во салата од Општина Охрид во која се одржувала редовна седница на Советот од Општина Охрид, со употреба на сила го спречил оштетеното службено лице Џемал Мена, советник во Советот на Општина Охрид, во вршење службено дејствие. Тоа го сторил на начин што за време на одржувањето на седница на Советот откако го прашал оштетениот како ќе гласа за точката која што била на дневен ред, а оштетениот кој претходно се изјаснил дека ќе гласа по свое лично убедување, му одговорил со зборовите: ‘Чекај, ќе видам’. Потоа, се приближил до него и со тупаницата од десната рака го удрил во пределот на левата страна од лицето, па кога оштетениот започнал да бега, обвинетиот продолжил да го брка, при што со раката уште еднаш го удрил во пределот на левата страна од лицето, а во два наврати со нога го удрил во средишниот дел од грбот и во пределот на вратот, при што му нанесол телесна повреда, изразена како набиеница во пределот на левата јаболчна регија на лицето и набиеница во пределот на десната лопатица“, стои во обвинителниот предлог.
Советникот во Општина Охрид од Беса, Џемал Мена пред две години и за „А1он“ сведочеше дека бил тепан во салата за одржување на седници, во присуство на градоначалникот Константин Георгиески.
Охридското обвинителство покрај обвинителниот предлог за овој случај, одлучи да не го гони Усеини за нападот на инспекторот кој наместо да изврши надзор, беше набркан од дивоградба кај Чинарот. На Усеини за овој случај му беше поднесена кривична пријава од инспекторот во полицијата за три кривични дела, односно, спречување службено лице во вршење на службено дејствие, загрозување на сигурноста и фалсификување службена исправа. Обвинителот не спори дека Усеини ги сторил делата, но тврди дека тие не се гонат по службена должност.
Ова беше вторпат како Обвинителството не се гони Нефи Усеини со образложение дека делата не се гонат по службена должност. Претходно, беше отфрлена пријава од професорот Илјаз Илјази, инцидент од кој „А1он“ објави видео.
Против Усеини се водат и други три предмети, а против неговата фирма „Нефи-ИК“ се води еден предмет. Скоро сите предмети за Усеини се во истражна постапка, освен еден за кој има обвинителен предлог. Во тек е и судењето против Усеини за нападот на сограѓанин.