Матичните лекари в сабота ќе одлучуваат на кој начин да го изразат незадоволството од тоа што цело лето власта, иако ветуваше, не презема ништо за да им ги подобри условите за работа. Лилија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари на Република Македонија вели дека лекарите се единствени во ставот дека треба да штрајкуваат оти со месеци не им е исполнето ниту едно барање по предупредувачките штрајкови кои почнаа во февруари, годинава.
„В сабота, на 27 август ќе имаме Управен одбор и ќе решме како да продолжиме односно во која форма ќе го изразиме револтот. Останува како опција затворање на ординациите од 1 септември, како што најавивме на почетокот на летото, но конечната одлука ќе ја донесеме в сабота. Дел од лекарите оваа година заминаа на годишни одмори кои изминатите две години ни беа забранети и затоа чекавме до крајот на август, но состојбата секако не е сменета. Трошоците со поскапувањата неколкукратно ни се зголемија, а покачување на бодот, укинување на системот за дестимулација или пак која било друга измена што ја баравме изостана. Ние самите не сакаме да ги затвориме ординациите, впрочем од нив живееме, но веќе знаеме како на културен начин да покажеме на власта дека и ние имаме потреби и дека сме дел од здравствениот систем кој го издржа најголемиот товар на пандемијата без покачување на платите како кај останатите“, вели претседателката Чолакова-Дервишова.
Таа е децидна дека Министерството за здравство воопшто не ги известило за некакво поместување во врска со нивните барања. Во последниот одговор за „А1он“ од Министерството за здравство известија дека работните групи кои ги формираше министерот за надминување на проблемите на матичните лекари интензивно работат.
„Работните групи се формирани и активно работат. Врз основа на преговорите ќе биде доставена сеопфатна информација до Владата на РСМ и соодветно на заклучоците кои ќе произлезат ќе се пристапи кон надминување на значителен дел од предизвиците со кои се соочуваат лекарите од примарното здравство. Целта е унапредување на системот на примарна здравствена заштита, а како резултат на соработката и средбите со избраните лекари, како и за потребите за вршење на дополнителни анализи во врска со истото. Меѓу другото една од целите е унапредување на системот на е-Рецепт за лекови од листата на товар на фондот како и на е-упат со цел исфрлање на потребата од печатење и останати административни процедури“, рекоа од Министерството пред три недели.
Најавија и ревизија и оптимизирање на политиката за стимулација на нови лекари, со посебен фокус на млади лекари кои основаат сопствени приватни здравствени установи или работат во региони во кои постои тешкотија за обезбедување доволен број пациенти заради демографски причини, ревизија на начинот на плаќање на избраните лекари како и на капитациониот бод.
Фокус на Министерство се и избраните стоматолози и еден од предлозите бил да добиваат стимулации за нови лекари и рурални тимови како и избраните лекари.
Матичните лекари велат дека повеќе не веруваат на најавите што ќе го земат предвид и при носењето на одлуката в сабота.
„Изминативе пет години се сменија многу Влади, министри и премери. На сите им оставивме и повеќе од доволно време за да направат нешто за матичните лекари и за примарното здравство, но никој не го стори тоа. Токму затоа и размислуваме за затворање на ординациите на неколку дена“, објасни Чолакова-Дервишова.
Барањата на матичните лекари се истите како и на претходните три штрајкови. Бараат покачување на капитациониот бод, укинување на казните за пропишување лекови по истечен извештај од специјалист и менување на правилниците за работа со кои ќе се внимава на достоинството и на пациентите и на лекарите.